110/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 5 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водење на евиденција за регистрираните моторни и приклучни возила (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот од Правилникот означени во точката 1 од ова решение, од причини што со оспорената одредба од Правилникот министерот за внатрешни работи пропишал забрана и во кои околности не се дозволува регистрирање на моторно возило, а со тоа министерот ги надминал законските овластувања предвидени во членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа односно пропишувал права и обврски за граѓаните што единствено со закон се уредува. Оспорената одредба од Правилникот била спротивна и на членот 8 став 2, членот 51 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 5 од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденцијата за регистрираните моторни и приклучни возила, е утврдено дека возилото нема да се регистрира ако:
– не постојат соодветни докази за потеклото, односно за сопственоста на возилото, како и за сопственоста и потеклото на шасијата што дополнително е вградена во возилото;
– возилото е поединечно составено,а сопственикот, односно носителот на правото на располагање со возилото не поседува доказ за потеклото на шасијата како и доказ дека истата е одјавена од надлежниот орган каде што претходно возилото било регистрирано;
– не е дозволено да сообраќа на територијата на Република Македонија, односно ако според прописите на Република Македонија не може да се регистрира односно користи;
– не се извршени обврските пропишани со закон (не е извршено задолжително осигурување и не се регулирани царинските и даночните обврски, такси и други обврски во врска со регистрацијата на возилото);
– не постои доказ за техничката исправност на возилото и уверение за извршеното испитување кога возилото е поединечно произведено, составено или преправено;
– не постои доказ дека возилата што сериски се произведуваат или увезуваат ги исполнуваат условите од хомологациската документација на возилата; и
– има уреди или обележја на возило на Министерството за внатрешни работи, на Армијата на Република Македонија, обележја на возила на Црвен крст и амбулантно возило како и обележја на возила за противпожарна заштита, а намената му е променета.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според ставот 2 на овој член од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а со членот 96 од Уставот е утврдено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Врз основа на членот 338 и членот 397 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на РМ” бр.14/98), министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за транспорт и врски, го донесол Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденцијата за регистрираните моторни и приклучни возила (“Службен весник на РМ” бр. 97/2000).

Со наведените одредби од Законот кои претставуваат правен основ за донесување на Правилникот, е всушност дадено овластување министерот со свои прописи да пропише одредени прашања во врска со регистрација на возилата а кои се утврдени во Законот.

Во членот 325 од Законот, е пропишано дека моторните возила и возилата на моторен погон, приклучните и запрежните возила што учествуваат во сообраќајот на пат мораат да бидат регистрирани, дадени се исклучоците кога регистрирањето не е потребно односно се врши издавање на потврди за користење на пробни таблички и дека за регистрираните возила се води евиденција.

Исто така, во понатамошното нормативно уредување на прашањата кои се однесуваат за регистрација на возилата, Законот со членовите од 325 до 347, пропишал под кои услови можат да се регистрираат возилата, издавањето на сообраќајни дозволи и регистарски таблички, рок на нивно важење, видови и ознаки на регистарски таблички, правата и обврските на сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото за вршење на регистрација на возилото, како и за возилата на Армијата на Република Македонија и возилата на дипломатските и конзуларните претставништва, на мисиите на странски држави, и други прашања што како основа со законот се утврдени и уредени но упатува на нивна понатамошна разработка со акт на министерот за внатрешни работи а во согласност со министерот за сообраќај и врски.

Имајќи ја во предвид содржината на наведените законски одредби Судот утврди дека правата и обврските кои произлегуваат од регистрацијата и евиденцијата на регистрираните возила се пропишани со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, и овластувањето дадено со членовите 338 и 397 став 2 од Законот, министерот со свој акт да пропише одредени прашања од оваа материја, е во насока исклучиво на разработка на законските одредби со кои тие се утврдени.

Од содржината на одредбата од Правилникот, која се оспорува со поднесената иницијатива неспорно е дека таа не содржи забрана за граѓаните, туку уредува кои недостатоци во вршењето на регистрација на возилото можат да го попречат самото регистрирање и доколку тие недостатоци во иднина се отстранат, регистрацијата на возилото може да продолжи да се реализира. Имено, оспорената одредба не претставува трајна забрана за вршење на регистрација на возилото туку во самото оперативно вршење на регистрацијата ги дава елементите кои би довеле до неможност во дадените услови таа да се изврши, а по исполнувањето на условите кои тоа го попречувале, би се продолжила односно спровела постапката за регистрација на возилото.

Оттука, Судот смета дека оспорената одредба е исклучиво во насока на спроведување и извршување на правата и обврските утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои се однесуваат на регистрација на возилата и нивната евиденција.

5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека нема основ за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Правилникот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.110/2002
30 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов