Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 октомври 2002 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 289 став (3) од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99, 37/2000, 50/2001, 6/2002 и 61/2002),
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членот од законот означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Друштвото за меѓународна и внатрешна шпедиција со јавни и царински складишта Фершпед АД – Скопје, со решение У.бр.141/2002 од 25 септември 2002 год., поведе постапка за оценување уставноста на членот 289 став (3) од Законот означен во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
Со ова решение Судот истовремено изрече и времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членот од законот означени во точката 1 од оваа одлука.
5. Судот на седницата утврди дека со ставот (3) на членот 47 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 50/2001), кој што се оспоруваше во иницијативата, фактички е извршена само парцијална измена во ставот (3) на членот 289 од изворниот текст на Законот, па по таа измена содржината на овој став од членот 289 во целина гласи: “Ако Централниот депозитар за хартии од вредност изрази сомневање дека некое лице е без основа запишано во книгата на акциите, може да го избрише од уписот само ако пред тоа го извести и му даде рок за приговор. Ако лицето во поставениот рок истакне приговор, бришењето се одлага до конечноста на одлуката.”
Со оглед на изнесеното, Судот при одлучувањето по оваа иницијатива постапката ја пренасочи на оценување на ставот (3) на членот 289 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, кој што согласно новиот Закон за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2002) ќе се применува заклучно до 31.ЏИИ.2002 година.
6. Според член 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, се и принципот на владеењето на правото, принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и правната заштита на сопственоста.
Во членот 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 221 став 1 од Законот за трговските друштва, предвидено е дека акционерското друштво е друштво кое со статутот има определена и на еднакви делови (акции) поделена главнина (основна главнина) во која акционерите учествуваат со по една или повеќе акции и чии што обврски се обезбедени со сиот имот на друштвото. Во ставот 2 на истиот овој член, предвидено е дека акционерите имаат обврски на давања утврдени со статутот и не одговараат за обврските на акционерското друштво.
Во членот 225 од Законот е предвидено дека акциите се хартии од вредност, (став 1); дека тие се издаваат, пренесуваат и се водат како електронски запис во Централниот депозитар за хартии од вредност, согласно закон (став 2); дека правата и обврските од акциите настануваат од моментот на нивното запишување во Централниот депозитар за хартии од вредност (став 3) и дека акциите спрема акционерското друштво се неделиви (став 4).
Понатаму, во членовите од 229 до 233 од Законот, се утврдени видовите на акциите според правата содржани во акциите (обични и приоритетни), како и посебните права што на секој вид на акции ги имаат нивните сопственици (право на глас во собранието на друштвото, право на дивиденда, право на исплата на дел од остатокот од ликвидациската, односно стечајната маса на друштвото, право на сопствениците на приоритетните акции да назначуваат или предлагаат определен број на членови на органите на друштвото и др.).
Во ставот 1 на член 236 од Законот, е предвидено дека акцијата се издава и се води како електронски запис во Централниот депозитар за хартии од вредност, во кој запис се содржани податоците утврдени во ставот 2 на овој член.
Во членот 289 од Законот предвидено е дека акциите се запишуваат во книгата на акциите на акционерското друштво која се води во Централниот депозитар за хартии од вредност став (1); дека за акционер во друштвото се смета секое лице кое е запишано во книгата за акции која се води во Централниот депозитар за хартии од вредност став (2); и на крај во оспорениот став (3) е утврдено дека ако Централниот депозитар за хартии од вредност изрази сомневање дека некое лице е без основа запишано во книгата на акциите, може да го избрише од уписот само ако пред тоа го извести и му даде рок за приговор. Ако лицето во поставениот рок истакне приговор, бришењето се одлага до конечноста на одлуката.
Акциите, како хартии од вредност, се преносливи и тие според членот 290 од Законот, во вид на електронски запис се пренесуваат на начин утврден со овој и друг закон. Според ставот (2) од овој член преносот на акција на друго лице се запишува во акционерската книга која се води во Централниот депозитар за хартии од вредност. Акционерската книга, пак, според членот 237 од Законот се води нематеријализирано, на начин и под услови утврдени со закон.
Во однос на правната природа, Законот од хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 63/2000, 103/2000, 34/20001, 4/20002 и 37/20002) акцијата ја дефинира како сопственичка хартија од вредност која претставува доказ за сопственост на идеален дел од основната главнина на акционер-ското друштво ( член 15 од овој Закон).
Според член 17 од истиот овој закон, акцијата може да се стекне по повеќе основи и тоа со: уплата при првото издавање, купување, наследување, подарување, компензација, залог и други начини утврдени со закон.
Во ставот (2) на член 134 од Законот е пропишано дека сите акционерски друштва во Република Македонија, акционер-ските книги задолжително ги водат во Централниот депозитар, а според ставот (3), Централниот депозитар, како централна информациона база, содржи електронски податоци за издадените хартии од вредност во која се запишани правата од хартии од вредност, сите иматели на тие права и правата што можат да ги имаат трети лица.
Според членот 137 од овој Закон, правата на имателот од хартија од вредност настануваат со запишувањето на хартијата од вредност на сметка на сопственикот во Централниот депозитар и се пренесуваат со запишување на хартијата од вредност на сметка на новиот сопственик во Централниот депозитар, односно правата од хартијата од вредност се стекнуваат, ограничуваат или пренесуваат со соодветното запишување во Централниот депозитар, ако со закон поинаку не е определено.
Од наведените законски одредби произлегува дека домашното право акциите ги третира како хартии од вредност кои во материјално правна смисла се одреден дел од капиталот (основната главнина) на акцинерското друштво, а во формално правна смисла – исправа во вид на електронски запис, односно во нематеријализиран облик, со која се потврдува постоењето на влогот, но се содржани и определени права (имотни и управувачки) кои акционерот ги има спрема друштвото.
Од наведените законски одредби може да се заклучи и тоа дека акцијата е од сопственичка, стварно правна природа поради што и имотните права кои што произлегуваат од акцијата не се од облигационо правна природа, но овие права, како и управувачките, се остваруваат по основ на влогот во акционер-ското друштво.
При тоа, во односите на имателот на акциите (акционерот) спрема акционерското друштво и другите субјекти, уписот на лицето во книгата за акции, односно запишувањето во Централниот депозитар за хартии од вредност, и според Законот за трговските друштва и според Законот за хартии од вредност, има конститутивно дејство, бидејќи статусот на акционер, како сопственик на акции и сите права што произлегуваат од акциите се стекнуваат, односно настануваат со запишувањето во книгата на акциите, односно во Централниот депозитар за хартии од вредност.
Имајќи го предвид ваквиот карактер и правната природа на акцијата, како и правното дејство на уписот во Централниот депозитар за хартии од вредност, Судот смета дека овластувањето на Централниот депозитар утврдено во оспорениот член од Законот за трговските друштва не само што не кореспондира со неговите основни функции и овластувања утврдени во Законот за хартии од вредност, но за ваквото овластување не постојат основи ниту во Уставот. Ова од причини што со ова овластување на Централниот депозитар всушност му се дава право тој, во прва и крајна инстанца и во постапка која не е јасно утврдена и дефинирана, фактички да одлучува, односно арбитрира, за сопственосно – правни односи кои се веќе воспоставени на легален, односно законски начин, а во тие рамки да може и лицето запишано во книгата на акции да го лиши од правото на сопственост на акциите и правата што произлегуваат од неа, без постоење на претходно утврден јавен интерес за тоа.
Од друга страна, бидејќи во конкретниот случај се работи за сопственичко право, согласно принципите на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, секое сомневање во основаноста на уписот во книгата на акции според мислењето на Судот може да биде само повод за поведување спор пред надлежниот суд во врска со сопственоста на акциите на лицето кое е запишано во книгата на акциите, а не единствен и директен основ за негово бришење од книгата на акции од страна на Централниот депозитар на хартии од вредност.
Оттука, според Судот, Централниот депозитар евенту-ално би можел да го избрише лицето запишано во книгата на акциите само во случај ако на тоа се согласи самото лице, односно ако самото лице даде писмена изјава за бришење, бидејќи правото на сопственост на акциите подразбира секој нивен сопственик слободно да располага со нив, а во таа смисла и да се откажува од акциите на овој начин.
Поради наведените причини, Судот оцени дека оспоре-ната одредба на членот 289 став (3) од Законот за трговските друштва не е во согласност со членот 8 алинеите 3, 4 и 6 и членот 30 од Уставот, поради што и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Со оглед на конечноста и извршноста на оваа одлука, Судот го стави вон сила и решението означено во точката 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 141/2002
30 октомври 2002 година
С к о п ј е
ла
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов