Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Законот за граѓанските лица на служба во територијалната одбрана (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.32/1987).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со постоењето на оспорениот Закон во правниот поредок се повредувале членовите: 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија во членот 13 став 1 определил дека, вооружените сили на Република Македонија, до донесувањето на Законот за одбраната на Република Македонија, ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на територијалната одбрана на Република Македонија. Од друга страна, Законот за одбраната од 1992 година, влегол во сила на 15.02.1992 година и во членот 132 определил дека единиците, штабовите и командите на територијалната одбрана се трансформираат во единствениот систем на одбраната на Република Македонија, но во член 133 од истиот Закон не било предвидено дека оспорениот Закон престанува да важи и нема да се применува. Со оглед дека територијалната одбрана не била предвидена во Уставот и новиот Закон за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001), иницијаторот смета дека оспорениот Закон не би можел да опстојува во нашиот правен поредок.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 1 од Законот за граѓанските лица на служба во територијалната одбрана (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.32/1987), со овој закон се уредуваат посебните права, должности и одговорности на граѓанските лица на служба во територијалната одбрана. Понатаму во одредбите на оспорениот Закон се разработува проблематиката за: засновање на работен однос, оценување на вработените, распоредување и преместување, стручно усовршување, работно време и одмори, дисциплинската одговорност, престанувањето на работниот однос, личните доходи и надоместоците, посебните права од пензиското и инвалидското осигурување, како и други посебни права и должности на вработените и командниот кадар во територијалната одбрана. Оспорениот Закон е објавен во “Службениот весник на Социјали-стичка Република Македонија” на 29 јули 1987 година и во членот 53 е предвидено да стапи на сила осмиот ден од објавувањето.
4. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија е владеењето на правото.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 13 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/1991), вооружените сили на Република Македонија, до донесувањето на Законот за одбраната на Република Македонија, ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на територијалната одбрана на Република Македонија.
Во главата ВИИИ од Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 26/ 1984, …… 21/1991), во целост е разработена проблематиката за територијалната одбрана, како еден од сегментите на одбраната. При тоа во членот 109 е предвидено дека, територијалната одбрана се организира и подготвува во рамките на единствениот систем на одбрана во Републиката, во согласност со основите на плановите за организација, развој, изградба, опремување, обучување, раководење и командување и употреба на вооружените сили на Југославија и во согласност одлуките и плановите на Републиката и општините.
Според содржината на членот 1 став 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992), претпријатијата и јавните установи и служби и локалната самоуправа можат да извршуваат определени задачи во областа на одбраната. При тоа во овој Закон, во главата В се разработуваат нивните обврски.
Според содржината на член 132 од истиот Закон, со влегувањето во сила на овој закон единиците, штабовите и командите на територијалната одбрана се трансформираат во единствениот систем на одбраната на Републиката. Во членот 133 е определено по влегувањето во сила на законот, помеѓу другите да престане да важи и Законот за општонародна одбрана, бидејќи означениот закон како и останатите наведени се во спротивност со Законот за одбрана. Законот влегол во сила на 15 февруари 1992 година.
Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” 42/2001) што сега е во сила, во член 173 став 1 определува дека, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95).
5. Од содржината на цитираните законски одредби, а според хронологијата на донесувањето на законите, произлегува дека контурите на територијалната одбрана, како еден од сегментите на поранешниот систем на одбрана, се дадени во одредбите на Законот за општонародната одбрана од 1984 година. Оспорениот закон е донесен во 1987 година и по својата содржина претставува разработка на правата и должностите на граѓанските лица на служба во територијалната одбрана.
Со осамостојувањето на Република Македонија доаѓа до востановување на нов концепт во одбраната, па во членот 13 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се определува дека вооружените сили на Република Македонија, до донесувањето на Законот за одбраната на Република Македонија, ги сочинуваат единиците, командите и штабовите на територијалната одбрана на Република Македонија.
Трансформацијата на територијалната одбрана во единствениот систем на одбраната е направена со членот 132 од Законот за одбрана од 1992 година, а во членот 133 не е превидено помеѓу другите да престане да важи и оспорениот Закон. Меѓутоа во членот 133 е предвиден престанок на важењето за Законот за општонародната одбрана, кој помеѓу другото ја регулираше општата проблематика на територијалната одбрана, како дел од поранешниот систем на одбраната. Законот за одбраната од 1992 година стапи во сила на 15 февруари 1992 година.
Во конкретниот случај иницијаторот не оспорува дека територијалната одбрана повеќе не е дел од единствениот систем на одбраната, но цени дека во правниот систем не постои изрична правна норма за престанок на важењето на оспорениот Закон, што претставува мотив за поднесување на иницијативата.
По оценка на Судот оспорениот акт престанал да важи сметано од 14 февруари 1992 година, кога Законот за одбраната од 1992 година стапил во сила. Имено, со овој Закон не само што територијалната одбрана станува дел од единствениот систем на одбраната, согласно членот 132, туку во членот 133 определен е и престанок на важењето на Законот за општонародната одбрана од 1984 година, кој ја содржеше основата на територијалната одбрана. Со оглед дека, на овој начин, територијалната одбрана повеќе не е предмет на законска регулатива, престанала и потребата за правна регулатива за правата и обврските на граѓанските лица на служба во територијалната одбрана. Според тоа, иако не постои изречна, конкретна правна норма за престанок на важењето на оспорениот акт, со престанок на потребата од посебна регулатива и престанокот на ратио легис односно целта за која бил донесен оспорениот Закон,де фацто дошло и до негов престанок.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весик на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, од кои причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.97/2002
23 октомври 2002 година
С к о п ј е
ла
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов