99/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за организација и работа на судовите на честа за резервни воени старешини (“Службен весник на СРМ” бр.40/78 и 42/86).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и Законот за одбраната затоа што тој е донесен врз основа на законски одредби кои повеќе не постојат, поради што и оспорениот правилник не може да опстане во правниот поредок. Ова особено затоа што судовите на честа не се предвидени во Законот за одбрана.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 155 од Законот за народна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.11/76) републичкиот секретар за народна одбрана донесол Правилник за организација и работа на судовите на честа за резервни воени старешини.

Со овој правилник се уредувала организацијата и работата на судовите на честа за резервните воени старешни (судови на честа, поведување и текот на постапката и евиденција и чување на предметите на судовите на честа).

Судовите на честа им судат на резервните офицери, помлади офицери и воените службеници (резервни воени старешни) за престапи сторени надвор од воената служба со кои му се нанесува штета на угледот или грубо се запоставува должноста на резервниот воен старешина.

Во 1986 година согласно член 345 од Законот за општонародна одбрана Републичкиот секретар за народна одбрана донесол Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за организација и работа на судовите на честа за резервните воени старешини.

4. Во Законот за народна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.11/76) во Глава ВИИ односно во членовите 148-157 се утврдени прашањата кои се однесуваат на судовите на честа.

Во член 155 од наведениот закон е утврдено дека поблиски прописи за организација и работа на судовите на честа донесува Републичкиот секретар за народна одбрана.

Во 1984 година на сила влегува нов Закон за општонародна одбрана со кој престанува Законот за народна одбрана. Меѓутоа и во Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на РМ” бр.26/84) во Глава ЏВИИИ односно во членовите 333-346 се предвидени судовите на честа за кои согласно член 345 од Законот, секретарот за народна одбрана донесува поблиски прописи за организација и работа.

Од наведеното произлегува дека според наведените закони, организацијата, надлежноста и работата на судовите на честа ја утврдува републичкиот секретар за народна одбрана.

Во Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), со кој престанува да важи Законот за општонародна одбрана како и во Законот за одбрана кој е во сила (“Службен весник на РМ” бр.42/2001) судовите на честа како институти не се предвидени.

Со оглед на тоа што во Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.9/92) не се предвидени судовите на честа, чија организација и надлежност ќе се уреди со пропис, Судот смета дека оспорениот правилник по силата на Законот престанал да важи и тој не е во правниот поредок.

5. Од наведеното произлегува дека и ако не постои изречна правна дерогација на оспорениот правилник, Судот смета дека со престанување на законскиот основ за негово донесување, не постојат правни основи за неговото егзистирање.

Имено престанувањето на правниот основ со поголема првна сила (закон) имплицира анулирање на правната важност на субординираниот акт (оспорениот правилник). Со оглед на тоа што оспорениот правилник е без правна сила, односно тој престанал да важи, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.99/2002
16 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов