114/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на легитимациите на инспекторите за вршење на инспекциски надзор во областа на општонародната одбрана (“Службен весник на СРМ”бр.14/85 и 1/87).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорниот правилник не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и Законот за одбрана затоа што институцијата општонародна одбрана не постои во правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 326 став 3 од Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.26/84) Републичкиот секретаријат за народна одбрана донесол правилник за образецот на легитимирање на инспекторите за вршење на инспекциски надзор во областа на општонародната одбрана во кој е предвидено дека легитимацијата на инспекторот се издава според образец кој е составен дел на правилникот. Понатаму во правилникот е предвидено во која форма, боја и големина се издава легитимацијата, кога легитимацијата се враќа и кога се заменува.

Судот исто така утврди дека согласно член 163 став 3 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија”бр.42/2001) министерот за одбрана донесол Правилник за образецот за начинот на издавање на легитимацијата на иснпекторот за одбрана.

Со овој правилник се пропишува образецот и начинот на издавање на легитимација на инспекторот за одбрана.

4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот Правилник престанал да важи, Судот смета дека нема процесни претпоставки за водење на постапката и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.114/2002
16 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов