Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 октомври 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Одлуката за утврдување на положбата на Владиниот агент на Република Македонија во постапката пред Европскиот суд за човекови права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001) во целина и посебно точка 3 во делот “општата политика на Република Македонија”.
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека положбата на Владиниот агент не може да се утврди со одлука бидејќи остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективен договор и дека Владиниот агент не е предвиден ниту со Устав ниту со некој закон. Понатаму, иницијаторот смета дека Владиниот агент треба да ги презема сите правни дејствија согласно Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не согласно општата политика на Република Македонија како што е наведено во точката 3 од оспорената одлука. Поради тоа, иницијаторот смета дека оспорената одлука не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 32 став 5, 51 став 2 и 91 алинеја 13 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорената одлука Владиниот агент на Република Македонија (во натамошниот текст: Владин агент) во постапката пред Европскиот суд за човекови права (во натамошниот текст: Суд) се назначува од редовите на државните советници во Министерството за правда во согласност со Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000).
Во вршењето на неговата функција Владиниот агент ја обезбедува општата соработка на органите на Република Македонија со Судот и со другите органи на Советот на Европа во случаите кога Република Македонија е странка во споровите пред Судот, ја подготвува одбраната и непосредно ја застапува Република Македонија во постапката пред Судот, посредува во контактите на Судот со домашните судови, управните органи и другите органи на Републиката и презема други дејствија поврзани со заштитата на човековите права во рамките на Советот на Европа.
Владиниот агент настапува во името и за сметка на Република Македонија и е должен во постапката пред Судот да ги застапува нејзините интереси. Владниот агент ги презема сите правни дејствија согласно со општата политика на Република Македонија, а на негово барање или по иницијатива на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Министерот за правда на Република Македонија, добива општи напатствија за начинот на застапување на интересите на Републиката.
Во секој одделен случај во кој Република Македонија е странка во постапката пред Судот, во подготвувањето на одбраната и во застапувањето на Републиката, Владиниот агент може да ангажира адвокати, советници и други истакнати стручњаци за одделни правни области.
Во вршењето на неговата функција Владиниот агент е овластен да врши непосреден увид во сите судски и управни предмети, како и во секоја друга документација на домашните органи, без оглед на нивната доверливост, како и да бара дополнителни информации, објаснувања и мислења. Владниот агент е обврзан со прописите на Република Македонија кои се однесуваат на чување на тајна.
Средствата за работа на Владниот агент се обезбедуваат од Буџетот на Министерството за правда, за што Министерството за правда предвидува посебни средства.
Постојниот Владин агент и неговиот помошник продолжуваат да ги вршат нивните функции во согласност со оваа одлука од денот на нејзиното влегување во сила.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдуваат со закон и со колективни договори.
Членот 51 став 2 од Уставот уредува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 91 став 1 алинеја 13 од Уставот, Владата на Република Македонија врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.
Со Законот за Владата на Република Македонија се уредуваат организацијата, начинот на работа и надлежноста на Владата на Република Македонија.
Согласно членот 36 став 3 од овој закон, Владата со одлука основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.
Врз основа на оваа законска одредба Владата ја донела оспорената Одлука со која се утврдува положбата на Владиниот агент на Република Македонија во постапката пред Европскиот суд за човекови права.
Инаку Владиниот агент го назначува Владата на Република Македонија од редот на државните советници во Министерството за правда во согласност со Законот за државните службеници. Тоа значи дека Владиниот агент е државен советник кој своите права од работен однос ги остварува согласно Законот за државните службеници. Оспорената одлука не уредува прашања кои се однесуваат на правата од работен однос на Владиниот агент, туку ја утврдува неговата положба во постапката пред Европскиот суд за човекови права.
При тоа, Владиниот агент застапувајќи ги интересите на Република Македонија во постапката пред Европскиот суд за човекови права, презема низа правни дејствија согласно Уставот, законите и меѓународните договори, а токму во одредбите на Уставот, во законите и во меѓународните договори што се ратификувани е изразена општата политика на Република Македонија.
Оттука Судот оцени дека со оспорената одлука не се конституира нов орган на Република Македонија туку во рамките на Министерството за правда и од редот на неговите државни советници се назначува Владин агент со работна задача да ги штити интересите на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.75/2002
9 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов