Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 октомври 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 23 став 3 во делот “потврда дека посетило предбрачно и брачно советувалиште во Центарот за социјална работа кога прв пат склучуваат брак” од Законот за семејство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92 и 9/96).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 23 став 3 во делот “потврда дека посетило предбрачно и брачно советувалиште во Центарот за социјална работа кога прв пат склучувааат брак” од Законот за семејство.
Според наводите од иницијативата со оспорената одредба се ограничува – условува и попречува слободното склучување на брак што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 40 став 2 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 23 од Законот за семејство која е сместена во поглавието постапка за склучување на брак е предвидено дека “лицата кои имаат намера да стапат во брак поднесуваат пријава до органот на управата надлежен за водење на матичните книги на венчани.
Пријавата за склучување на брак може да се даде писмено или усно на записник.
Во оспорениот став 3 на член 23 е предвидено дека “кон пријавата, идните брачни другари, приложуваат извод од матичната книга на родените, потврда дека посетиле предбрачно и брачно советувалиште во Центарот за социјална работа кога прв пат склучуваат брак и други исправи кога е тоа потребно (решение со кое е дозволено склучување на брак, доказ дека претходниот брак престанал, полномошно и слично).
4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок, покрај другите се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеење на правото.
Во член 40 став 2 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.
Во член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Имајќи ја предвид уставната одредба од член 40 став 2 од Уставот, законодавецот ги уредил односите што настануваат во бракот (брачно право) семејството (семејно право) односите што настануваат меѓу одреден круг на лица врз основа на брак и сродство или, пак, само врз основа на сродство како и односите што настануваат врз основа на старателство (старателско право).
Брачното право претставува најзначаен дел на семејното право кое ги регулира односите во бракот, а бракот претставува еден од најзначајните основи на семејството.
Поаѓајќи од наведените уставни одредби, а посебно на член 40 став 2 од Уставот законодавецот со Законот за семејство, покрај другите, ги уредува и прашањата кои се однесуваат на условите и постапката за склучување на брак.
Имено Законот за семејство го дефинира бракот како со закон уредна заедница на ќивот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството.
Од тука бракот претставува институција од посебен општествен интерес поради што законот предвидел точно определени услови. Бракот се склучува во вид на договор суи генерис т.е. семејно правен договор чии основни обележја се свеченост и формалност.
Имено бракот може да се склучи само во форма која што е определена со закон, доколку се исполнети условите за склучување и за полноважност на бракот.
Меѓутоа пред склучување на бракот, со закон е уредена и претходната постапка која опфаќа дејствија што треба да ги преземаат идните брачни другари.
Така лицата кои имаат намера да стапат во брак поднесуваат пријава до органот на управата надлежен за водење на матичните книги на венчаните.
Покрај пријавата брачните другари според законот се должни да приложат одредени докази како што е извод од матичната книга на родените, потврда дека посетиле предбрачно и брачно советувалиште во Центарот за социјални работи и други исправи кога е тоа потребно (решение со кое е дозволено склучување на брак, доказ дека претходниот брак престанал, полномошно и слично).
Со оглед на наведеното, а посебно имајќи предвид дека бракот, како институција не е само приватна врска меѓу еден маж и една жена туку има и општествен карактер, Судот смета дека со оспорената законска одредба со која се предвидува обврска за идните брачни другари со пријавата да поднесат и потврда од Центарот за социјална работа дека посетиле предбрачно и брачно советувалиште не се ограничува правото на слободно склучување на брак, туку напротив во интерес е на идните брачни другари од стручен орган да добијат совет и да бидат запознати со правата и обврските кои произлегуваат од бракот.
5. Според тоа Судот смета дека со оспорениот дел од член 23 став 3 не се повредуваат и уставните одредби кои се однесуваат на слободите и правата на човекот и граѓанинот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.216/2001
9 октомври 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов