У.бр.143/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 во делот “кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија”, став 2 и член 8 став 1 од Законот за избирачкиот список (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2002).

2. Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од законот не се во согласност со членовите 8 став 2, 22, 23, 51 и 54 од Уставот. Имено, Уставот децидно определил дека избирачко право има секој граѓанин односно државјанин на Република Македонија со наполнети 18 години живот, освен лицата на кои им е одземена деловната способност. Тоа значи дека Уставот, остварувањето на избирачкото право не го “врзува” со живеалиште во Република Македонија освен во еден случај, во членот 80 став 5 каде е утврдено дека за претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години. За ниедна друга јавна функција Уставот не создал дискриминација меѓу граѓаните во остварувањето на избирачкото право, во зависност од живеалиштето. Според наводите во иницијативата, обврска е на државата, а не на граѓанинот, да создаде услови за остварување на избирачкото право на граѓаните односно на државјаните на Република Македонија. На крајот во иницијативата се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените членови од Законот. Тоа значи, Судот да ги запре од извршување поединечните акти на министерот за правда за бришење од евиденција на околу 3.500 Македонци по потекло, државјани на Република Македонија кои имаат адреса на Ул. “Димче Мирчев” бб, бидејќи можат да настанат тешко отстранливи последици – суспензија на избирачкото право на овие државјани на Република Македонија, заради тоа што министерот проценил дека овие лица не можат да остварат избирачко право бидејќи не ја прифаќа наведената адреса како нивно постојано живеалиште.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 1 од Законот за избирачкиот список, во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа, а според ставот 2 на овој член во Избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на Република Македонија што се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на Република Македонија и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во Република Македонија пред заминувањето во странство. Според член 8 став 1 од овој закон во Избирачкиот список граѓаните се запишуваат според општината на чие подрачје имаат живеалиште.

4. Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Членот 22 од Уставот утврдува дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Членот 51 од Уставот утврдува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува

на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Во членот 4 од Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија е определено дека право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот зборува за избирачко право на граѓанинот кој наполнил 18 години живот, додека пак законот определил дека државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот има право да избира. Во секој случај, избирачкото право е утврдено со Устав и со закон.

Со Законот за избирачкиот список се уредува начинот и постапката на евидентирањето на избирачкото право и водењето на Избирачкиот список.

Тоа значи дека со овој закон не се утврдува избирачкото право туку се уредува начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право.

Со Законот за Избирачкиот список кој го операционализира избирачкото право е уредено дека Избирачкиот список е јавна исправа (член 3), дека се води за целата територија на Република Македонија (член 4) и дека од Избирачкиот список се изготвуваат изводи за секоја изборна единица, општина и избирачко место (член 8 став 2). Понатаму, согласно членот 14, Избирачкиот список ги содржи следните податоци: единствен матичен број на граѓанинот, презиме, име на еден од родителите и име, пол, адреса на живеење (општина, населено место, улица, куќен број, влез и стан) датум на запишување и бришење и датум и вид на дополнување на податоците.

Од изнесеното произлегува дека местото на живеење на граѓаните кои имаат избирачко право е само еден од податоците што ги содржи Избирачкиот список. Судот оцени дека местото на живеење е битен елемент од кој се тргнува при распределбата на граѓаните – гласачи во која изборна единица односно на кое избирачко место ќе гласаат. Државјаните на Република Македонија, со добивањето на државјанство не

стекнуваат (и не мораат да стекнат) автоматски и живеалиште на територијата на Република Македонија. Ако местото на живеење на државјаните на Република Македонија е надвор од територијата на државата, не е можно да се утврди во која изборна единица ќе го остварат своето избирачко право. При тоа треба да се има предвид дека изборните единици се утврдени со закон, дека е приближно утврден и бројот на гласачите во секоја изборна единица и дека бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 3% до плус 3% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица.

Судот го имаше предвид и фактот дека државјаните кои немаат постојано место на живеење во Република Македонија (понекогаш три или четири генерации се надвор од матичната земја) ги изгубиле врските со државата од која потекнуваат, односно немаат никакви обврски кон неа како на пример не плаќаат даноци и други давачки, не одат во Армија, не се во резервниот состав и др. Ако избирачкото право има за цел граѓаните со својот глас да влијаат на изборот на претставниците кои ќе ги застапуваат нивните интереси, а државјаните на Република Македонија кои постојано живеат во странство ја изгубиле политичката комуникација со матичната држава, а со тоа и политичкиот интерес за конституирање и функционирање на институциите на власта односно на законодавната власт. Со тоа се губи карактерот и значењето на избирачкото право како позитивно избирачко право.

Понатаму, во членот 16 од Законот за Избирачкиот спсок е регулирана целата постапка околу можноста на граѓаните за увид во изводот од Избирачкиот список, за нивното барање за запишување, дополнување или бришење на податоците, за можноста Министерството за правда да го прифати барањето или со решение да го одбие барањето, за жалбата на граѓанинот по решението на Министерството за правда до Државната изборна комисија како и за можноста на граѓанинот да пондесе тужба за поведување на управен спор до Врховниот суд на Македонија. Притоа, правосилното решение на Врховниот суд донесено по тужбата е основа за запишување, промена и бришење на податоците во Избирачкиот список.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Со оглед на тоа што Судот одлучи да не поведе постапка, Судот оцени дека нема потреба да носи решение за запирање на поединечните акти донесени врз основа на оспорените членови од Законот.

5, Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.143/2002
2 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов