У.бр.135/2001-1 и У.бр.155/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 28 став 2 и член 168 став 1 точка 2 во делот “за намерата” од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје и Александар Талевски од с. Мажурчиште-Прилеп со Решение У.бр.135/2001 и 155/2001 од 5 јуни 2002 поведе постапка за оценување уставноста на членовите означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за согласноста на член 28 став 2 од Законот за одбрана со членовите 79 став 2 и 122 став 1 од Уставот според кои не е предвидено посредно командување со Армијата односно единствено Претседателот на Републиката како врховен командант во согласност со принципот на хиерархија во командувањето како највисок старешина непосредно командува со Армијата преку началник на Генералштабот а не преку министерот и затоа што член 168 став 1 точка 2 во делот “за намерата” не бил во согласност со начелото на презумпција на невиност утврдено во член 13 и 14 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 28 став 2 од законот за одбрана е предвидено дека “командувањето со Армијата, претседателот на Републиката го спроведува преку министерот за одбрана во согласност со Уставот и овој закон.

Според член 79 став 2 од уставот на Република Македонија претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а според член 122 од Уставот вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.

Од наведените уставни одредби, како и целината на Законот за одбрана произлегува дека во сферата на одбраната не треба да се поистоветуваат поимите систем на одбрана и вооружени сили затоа што одбраната е широк поим кој зафаќа поголема сфера, а Армијата е строго дефинирана вооружена сила во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија со која командува претседателот на Републиката како врховен командант.

Врховниот командат е посебен и индивидуален орган во сферата на одбраната со строго дефинирани надлежности и со право на одлучување во сферата на командувањето и употребата на Армијата.

Интенцијата на уставната одредба е очигледно да го обезбеди начелото на единство во командувањето при употреба на сили и средства на вооружените сили. Со доследно спроведување на ова начело се обезбедува највисок степен на ефикасност во вооружените сили при извршување на задачите пропишани со Уставот и Законот за одбрана.

За постигнување на таа ефикасност нужно е концентрација на командните овластувања во еден орган, а тоа е Претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили. Според тоа со предвидувањето, командувањето со Армијата да се спроведува преку министерот за одбрана доаѓа до деконцентрација на командните овластувања и вметнување на орган во вертикалниот линиски систем на командување како посредник меѓу Претседателот на Републиката и Генералштабот. На овој начин се разводнува функцијата на командување, а со самото тоа и слабеење на одговорноста во системот на одбраната кој почива врз принципите на едностарешинство и субординација кои принципи треба да овозможат пократок и побрз прием на наредбите и брзо функционирање на командувањето.

Тоа значи дека системот на командувањето е строго хиерархиски уреден со еден наредбодавец и еден извршител.

Понатаму, Судот оцени дека со спроведувањето на командувањето со Армијата преку министерот за одбрана се врши поделба на функцијата меѓу Претседателот на Републиката, како Врховен командант на вооружените сили и министерот за одбрана како старешина на орган на управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант.

Воедно, ваквиот начин на командување со Армијата значи мешање на командните и извршните функции на министерот, што во Армијата не е допуштено, односно министерот за одбрана како член на Владата не може да врши командни функции во Армијата.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и предвидениот начин на командување со Армијата преку министерот за одбрана утврден во член 28 став 2 од Законот Судот оцени дека со тоа се отвара можност за повреда на принципот на едностарешинство, принципот на субординација и принципот на единство во командувањето при употреба на силите и средствата и командувањето со Армијата, поради што оспорениот член не е во согласност со Уставот.

5. Судот понатаму утврди дека во член 168 став 1 точка 2 во делот на казнените одредби е предвидено со парична казна од 5000,00 денари до 30.000,00 денари или со затвор од 60 дена ќе се казни за прекршок граѓанинот ако не го извести Министерството за одбрана “за намерата” за патување во странство.

Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Поаѓајќи од одредбата на член 13 став 1 од Уставот како и од оспорената одредба од член 168 став 1 точка 2 во делот “за намерата” Судот оцени дека самото непријавување на регрутот за намерата дека ќе патува во странство без оглед на тоа дали тој го реализирал или не тоа патување не може да претставува основ тоа однесување да се санкционира па се поставува прашањето дали со ваквиот начин на предвидување на санкции не се нарушува уставното начело на презумпција на невиност.

6. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.135/2001
У.бр.155/2001
18 септември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов