У.бр.81/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за начинот и условите за издавање на објектите за заштита под закуп (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/1991).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.81/2001 од 10 април 2002 година, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје и сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот правилник, како подзаконски акт поблиску се пропишуваат начинот и постапката за издавање на објектите за заштита под закуп и условите за нивно користење во мир. Понатаму во општите одредби се дефинира поимот “објект за заштита” и се регулира кој сe може да се јави како закупец и кој се јавува како закуподавач на објектите за заштита. Во глава II се содржани одредби кои ја регулираат постапката за издавање под закуп, преку лицата кои можат да поднесат иницијатива за издавање под закуп, јавното огласување, прибирањето на писмените понуди, содржината на огласот со основните податоци за објектот, начинот на избор на најповолен понудувач и времетраењето на постапката. Предвидено е склучување на договорот да следи по претходно добиена согласност од Министерството за одбрана, а во договорот потребно е да бидат содржани и посебни податоци децидно наведени во член 12 став 1 од Правилникот. Во оваа глава е регулирано и времетраењето на договорот за закуп.

Во глава III се регулирани прашањата околу користењето на постојната инсталација на објектите и инфраструктурата, потоа можноста за приспособување со адаптација и опремување, кои градежни дејствија не се дозволени како внатрешното уредување на објектот, за кои намени може да се користи објектот, условите под кои се испразнува објектот, условите за доградба на истиот и органот што врши надзор при извршувањето на работите во објектите за заштита.

Во главата под наслов “Обврски на договорните страни”, се содржани одредби што ги регулираат прашањата за обврската на закупецот за испразнување на објектот заради оспособување за употреба во војна, за неговата обврска околу тековното одржување и што се подразбира под такво одржување, чија е обврската за инвестиционото одржување, кој ги сноси трошоците за редовно одржување на објектот, можноста да се бара сразмерно намалување на закупнината доколку дојде до оштетување на објектот до таа мера да го попречува користењето, како и органот кој врши проценка на оштетувањата.

Можноста и условите за времен престанок на договорот за закуп, отказните рокови, условите за престанок на договорот и неговото раскинување се регулирани во главата под наслов “Престанок на закуп”.

Во член 34 од Правилникот, предвидено е истиот да стапи на сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Правилникот е донесен од Министерот за одбрана, врз основа на член 212 од Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.26/84, 12/85, 50/87, 7/88, 7/89, 46/89, 20/90 и 21/91), со забелешка дека во уводниот дел на Правилникот бројот на службениот весник 1/91 е погрешен, бидејќи станува збор за број 21/91, што се утврди со непосреден увид во двата броја на службен весник. Погрешна нумерација на Законот за измени на овој Закон е направена и во поднесената иницијатива.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, согласно член 96 од Уставот на Република Македонија.

Согласно член 212 од Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр.26 /1984, 12/1985, 50/1987, 7/1988, 7/1989, 46/1989 и 20/1990), засолништата можат да се даваат под закуп за мирновременски потреби на општествени и граѓанско-правни лица, како и на граѓани на начин и според условите што ги пропишува собранието на општината.

Според член 83 од Законот за изменување и дополнување на Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1991), во член 212 зборовите “собранието на општината”, се заменуваат со зборовите “Министер-ството за народна одбрана”.

Согласно член 93 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992), планирањето, условите и начинот на изградба, одржување и организација на користење на засолништа и други заштитни објекти во мир и во воена состојба се уредуваат со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Во член 128 од истиот Закон, утврдено е дека поблиски прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Овој Закон влегол во сила на 23.02.1992 година, а предвидениот рок од шест месеци истекол на 23.08.1992 година.

Согласно член 133 став 1 од Законот за одбрана со влегување во сила на овој закон престанува да важи Законот за општонародна одбрана (“Службен весник на СРМ” бр.26/1984, 12/1985, 50/1987, 7/1988, 7/1989, 46/1989, 20/1990 и 21/1991), а нема да се применуваат низа закони од областа на одбраната децидно наведени и донесени во периодот на постоење на државата СФРЈ, бидејќи се во спротивност со овој закон.

Согласно член 133 став 2 од Законот за одбрана подзаконските прописи донесени врз основа на овие закони ќе се применуваат до донесување на прописите од член 128 на овој закон.

Според член 111 став 5 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001) поблиски прописи за начинот на изградба, одржување и користење на засолништата и други заштитни објекти донесува Владата.

Во член 172 од овој Закон определено е дека прописите чие донесување е предвидено со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на неговото влегување во сила освен прописите предвидени во членовите 142, 143 и 144 – Глава XII Планирање, што ќе се донесат најдоцна за 2 години.

Согласно член 173 став 1 од Законот за одбрана, со денот на влегување во сила на овој закон, престанува да важи Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр. 8/1992 и 30/1995).

Во став 2 од истата одредба е предвидено: прописите донесени врз основа на законот од став 1 на овој член ќе се применуваат до донесување на прописите од член 172 на овој закон, доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на РМ” бр. 58/2000), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи кога за тоа е овластен со закон.

6. Тргнувајќи од содржината на член 128 и 133 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992 и 30/1995), произлегува дека во овие одредби не се содржани правни последици доколку во рокот од шест месеци не се донесат нови подзаконски акти, па Министерот за одбрана не пристапил кон донесување на нов подзаконски акт по истекот на рокот од членот 128 од Законот за одбрана од 1992 година и ценел дека донесениот Правилник е во согласност со споменатиот Закон. Од тука, Судот оцени дека како таков, оспорениот Правилник сеуште можел да остане во примена, а од аспект на одредбите од Законот за општонародна одбрана и Законот за одбрана од 1992 година.

Меѓутоа, иако иницијативата не бара оценување на законитоста на оспорениот правилник од аспект на одредбите на Законот за одбрана од 2001 година, пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник.

Во член 111 став 5 од Законот за одбрана, што сега е во сила, предвидено е материјата за користење на засолништата и другите објекти под закуп, да се доуреди со поблиски прописи и тоа од страна на Владата на Република Македонија. Во претходните законски решенија, вакви подзаконски акти беше предвидено да донесува Министерот за одбрана, па прашањето за уставност и законитост на оспорениот правилник се постави од аспект на одредбите од Законот за одбрана што сега е во примена, а по однос на различните рангови на органот овластен за донесување на подзаконскиот акт во Законот за општонародна одбрана и Законот за одбрана од 1992 година, од една страна и сега важечкиот Закон за одбрана, од друга страна.

Министерството за одбрана, како орган на државната управа работите од својата надлежност ги врши самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, согласно член 96 од Уставот на Република Македонија. Содржината на оваа одредба дава можност министерството својата надлежноста да ја врши само врз основа и во рамките на Уставот и законите, а членот 111 став 5 од Законот за одбрана, што сега е во сила, не предвидува Министерот за одбрана да донесе подзаконски акт од областа на издавање на засолништата под закуп, туку таков акт во преодниот рок треба да донесе Владата.

Според овластувањето од членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот донесува правилници и други видови акти за извршување на законите и другите прописи само во случај кога за тоа е овластен со закон. Ваквото овластување и поставеноста на надлежноста на Владата за донесување поблиски прописи за издавање и користење на засолништата и други заштитни објекти од членот 111 став 5 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001) ја доведуваат во прашање законитоста на оспорениот акт, а од аспект на овластувањето на Министерот за одбрана со подзаконски акт поблиску да ја доуреди оваа област од одбраната.

Според тоа, оспорениот акт е во несогласност и со членот 96 од Уставот на Република Македонија, каде е предвидено органите на државната управа, помеѓу кои спаѓа и Министерството за одбрана, својата надлежност да ја вршат врз основа и во рамките на Уставот и законите, што не е случај со оспорениот акт.

7. Врз основа на изнесеното се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.81/2001
18 септември 2002 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов