Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за образување комисија за решавање во втор степен во постапката за прекршоци од областа на приредувањето игри на среќа и забавни игри на автомати (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/92), донесена од Владата на Република Македонија.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата не е во согласност со Уставот и нема законски основ егзистирањето на оспорената Одлука со која Владата на Република Македонија образувала и кадровски ја определила трочлената комисија за решавање во втор степен во постапката за прекршоци од областа на приредувањето игри на среќа и забавни игри на автомати, имајќи во предвид дека членовите 74-а и 74-б од Законот за игри на среќа и забавни игри на автомати (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) биле укинати со одлука на Уставниот суд на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донесла оспорената Одлука бр.23-1183/1 од 16 април 1992 година за образување комисија за решавање во втор степен во постапката за прекршоци од областа на приредувањето игри на среќа и забавни игри на автомати, врз основа на членот 74-б од Законот за игри на среќа и забавни игри на автомати (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), која одредба всушност покасно била укината со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.163/95 од 10 јули 1996 година.
При ваква состојба, Судот оцени дека оспорената Одлука која по својата содржина претставува поединечен акт на Владата на Република Македонија, за образување и кадровско распоредување на членови на второстепена комисија од предметната област, поради укинувањето на законскиот основ за нејзино донесување ја има изгубено и функцијата и надлежноста за постоење.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со оглед на фактот дека оспорената Одлука е поединечен акт на Владата на Република Македонија и не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, произлегува и дека Судот не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.
Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.101/2002
12 септември 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов