102/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на Буџетот на општина Демир Хисар за 2002 година (“Службен гласник на општина Демир Хисар”бр. 11/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Николче Трајчески од Демир Хисар, со решение У.бр. 102/2002 од 10 јули 2002 година, поведе постапка за оценување законитоста на постапката за донесување на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 62 став 2 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).

4. Судот на седницата утврди дека според записникот од единаесеттата седница на Советот на општина Демир Хисар одр`ана на 25 март 2002 година, на седницата присуствувале 11 непосредно избрани советници на Советот од вкупно 13 советници со верификувани мандати на општината Демир Хисар. По расправата за предло`ениот Буџет на општината Демир Хисар за 2002 година како трета точка од дневниот ред на седницата, се пристапило кон гласање и со шест гласа “за” и пет гласа “против” била донесена Одлуката за усвојување на Буџетот на општината за 2002 година.

Според членот 36 од Законот за локална самоуправа (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.5/2002), Советот, како орган на општината кој е составен од членови со мандат од четири години, има надле`ност меѓу другото да донесува буџет на општината и годишна сметка на општината.

Согласно членот 62 од наведениот закон, во вршењето на работите од својата надле`ност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Прописите за чие извршување се потребни финансиски средства мораат да содр`ат и одредби со кои се утврдуваат изворите и висината на средствата за нивно извршување.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби произлегува дека Одлуката за усвојување на Буџетот на општината Демир Хисар за 2002 година се смета дека е донесена ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број членови на советот.

Со оглед на тоа што за донесување на оспорената Одлука за усвојување на Буџетот на општината Демир Хисар за 2002 година, гласале само 6 советници од вкупно 13 советници со верификувани мандати на општината, а согласно законските одредби е потребно да гласаат најмалку 7 советници на Советот на општината, Судот оцени дека Буџетот не е донесен во согласност со Законот за локална самоуправа поради што одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.

5. Оваа Одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, и д-р Јосиф Талевски.

У. бр.102/2002
12 септември 2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов