30/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за урбанистичката единица – Населба Влае (МЗ “Влае ИИ”) во делот на КП.бр.280/2, донесена под бр.07-720/3 од Советот на општина Карпош-Скопје на седницата одржана на 5 јули 2001 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.12.

2. Народниот правобранител на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во јавната анкета спроведена по нацрт-планот учествувало, меѓу другите, и лицето Блажевски Јован, кој според наводите во иницијативата било починато на 31.10.1988 година. Овој факт во текот на постапката бил констатиран и од страна на доносителот на планот, а исто така било констатирано и тоа дека анкетниот лист во негово име бил поднесен од неговиот законски наследник Блажевски Божидар, кој како негов наследник имал правен интерес во ДУП на предметната катастарска парцела да биде предвидена изградба на семејна станбена зграда, што како забелешка, односно предлог го истакнал во анкетниот лист и истиот бил прифатен.

Според подносителот на оваа иницијатива, со прифаќањето на оваа забелешка, односно предлог најпрвин бил прифатен лигитимитет во постапката да учествува лице кое е покојно во време на донесувањето на овој Детален урбанистички план, а потоа и на лице кое не живее на локалитетот на кој се однесувале измените и дополнувањата на планот (лицето Блажевски Божидар живеело на Ул. Влае бр. 55) со што била повредена постапката за донесување на оспорениот план, или поточно членот 18 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, подносителот на иницијативата смета дека според оваа законска одредба во јавната анкета можеле да учествуваат само заинтересирани граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, а заинтересирани, според негово мислење се сметаат само граѓаните кои се жители на тоа подрачје. Со оглед дека во конкретниот случај лицето Блажевски Божидар, не живеел на ова подрачје, истиот не се сметал како заинтересиран, односно неговото учество во јавната анкета по основ на поранешната сопственост на градежното земјиште, за кое се однесувала одлуката во оспорениот дел не било во согласност, освен со член 18, и со член 4 став 1 од споменатиот закон.

Поради наведените причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста (при тоа не наведува ниеден член од Уставот, во однос на кој се оспорува одлуката) и законитоста на оспорената одлука, а потоа да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорената одлука се упатува дека со неа се врши изменување и дополнување на Одлуката за донесување на ДУП за урбанистичката единица Населба Влае (МЗ “Влае ИИ”) Скопје и дека истата во целост е изработена согласно одредбите за спроведување на Основниот урбанистички план на Град Скопје.

Со членот 2 од оваа одлука, всушност се врши додавање на нова точка 1-ж во членот 1 на дотогаш постојната Одлука за донесување на ДУП за оваа урбанистичка единица, со која точка се определува површината на просторот за кој се однесуваат овие измени и дополнувања (34,90 ха), се утврдени нејзините граници, содржините што се предвидуваат да се изградат (индивидуално и колективно домување со мал локален центар, придружни јавни содржини-основно образование и предучилишно згрижување и површини за зеленило, спорт и рекреација).

Со членот 3 од Одлуката се определува содржината на изменувањата и дополнувањата на ДУП и неа ја сочинуваат текстуалниот дел, постојната состојба и ДУП, кој пак содржи општ дел, општи одредби и посебни одредби, а чиј составен дел се и графичките прилози наведени во овој член од одлуката.

Во членот 4 се утврдува дека ДУП се заверува со печат на Советот на општината Карпош и потпис на претседавачот на Советот, а во членот 5 се утврдува обврската на надлежниот орган во определениот рок од 60 дена да обезбеди комплетна документација за реализација на Планот, а во членот 6 се утврдува органот каде ќе се чува Планот, со сите негови делови.

И на крај, во членот 7 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје”.

4. Според член 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој што важел во време на донесување на предметниот Детален урбанистички план (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97, 18/99), а кој подносителот смета дека е повреден и врз основа на неговото толкување на овој член воглавно ги темели причините за оспорување на законитоста на оспорената одлука, јавната анкета по деталниот урбанистички план се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

Според ставот 4 од овој член, извештај за јавната анкета по деталниот урбанистички план, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината односно градот Скопје.

Во членот 4 став 1 од овој закон, на кој иницијаторот, исто така, се повикува, утврдено е дека со просторното и урбанистичко планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Инаку, овој член е поместен во општите одредби во Законот и со него, спорд наше мислење, се утврдуваат целите што се обезбедуваат со просторното и урбанистичкото планирање, односно функциите на просторните и урбанистичките планови, како акти и инструменти преку кои се обезбедува овој вид на планирање.

Тргнувајќи од содржината на наведените членови од Законот, а пред се од членот 18, како и од фактичката состојба утврдена од приложената документација доставена од доносителот на оспорената одлука, неспорно е дека во постапката за донесување на предметниот детален урбанистички план во целост е испочитувана обврската за спроведување на јавната анкета по овој план, што произлегува од член 18 од Законот.

Имено, од увидот во приложената документација видно е дека по Нацртот на Деталниот урбанистички план за урбанистичката единица-населба Влае (МЗ “Влае ИИ”)-Скопје, кој е утврден на седница на Советот на општина Карпош одржана на 30 мај 2001 година, е спроведена јавна анкета со излагање на планот во просториите на Месната заедница “Влае ИИ”, која траела во рок од 15 дена, и тоа од 4 јуни заклучно со 18 јуни 2001 година.

Соопштението за спроведување на јавната анкета е објавено во весникот “Дневник” од 4 јуни 2001 година.

По спроведената јавна анкета, е изготвен и извештај, во кој е содржано и образложение за сите неприфатени забелешки.

Исто така, од приложената документација Судот утврди дека во јавната анкета, како заинтересирано учествувало и лицето Блажевски Јован, кој што своите забелешки ги дал на анкетен лист бр.03-15/48. Наводите во иницијативата дека ова лице е починато, и дека во негово име анкетниот лист го пополнил Блажевски Божидар, како негов наследник, во постапката пред овој суд не се потврдија како точни.

Имено, според одговорот на доносителот на оспорената одлука лицето Блажевски Јован е жив, со адреса на живеење на Ул. “Франце Прешерн” на територијата на општина Карпош. Понатаму, во одговорот се наведува дека Народниот правобранител погрешно утврдил дека ова лице е починато поради забуната, односно недоразбирањето што најверојатно произлегло од еден пасос на известувањето на градоначалникот на оваа општина до Народниот правобранител со оглед дека до моментот на поднесување на анкетниот лист се уште не била завршена оставинската постапка по имотот на покојниот Тодор Блажевски, татко на подносителот на анкетниот лист Јован Блажевски, кој што, пак, покрај останатите документи, како доказ за правото на сопственост на КП.280, при пополнување на анкетниот лист се повикал и на Решението на Основниот суд Скопје И под О.бр.835/00 од 30.10.2000 година, со кое именованиот е огласен како единствен законски наследник на оставината на покојниот Тодор Блажевски, во постапката за признавање право на денационализација.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека во јавната анкета согласно член 18 од Законот не може да учествува лице кое не живее на конкретното подрачје опфатено со деталниот урбанистички план, како што е во случајот со лицето Јован Блажевски, според мислењето на Судот, во категоријата заинтересирани граѓани во смисла на овој член од Законот подеднакво спаѓаат сите граѓани кои имаат недвижен имот или било каков друг правен интерес на конкретното подрачје опфатено со планот, независно дали тие живеат или не, односно се со живеалиште на тоа подрачје.

Според тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 18, како и со членот 4 од Законот, од аспект на причините поради кои се оспорува нејзината законитост, ниту, пак, овие причини се основ за изразување на сомневање во согласноста на оваа одлука со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.30/2002
10 јули 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов