91/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 30 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одредба содржела право и должност што му припаѓало единствено на Уставниот суд, а не на Владата на Република Македонија, поради што таа не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 , член 51, член 91 алинеја 1 и 5, член 96, член 108, член 110 алинеја 2 и член 112 став 1 и 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 30 став 2 од Законот, Влатата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните оргнаизации кој не е во согласност со Уставот, закон или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 91 алинеја 1, 5 и 6 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите и ја насочува и врши надзор над работа на министерствата и другите органи на управата.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласаноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а според член 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот, односно ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, според која Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации кој не е во согласност со Уставот, закон или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата, според мислењето на Судот, таквото овластување на Владата произлегува и е во рамките на уставната положба на Владата како носител на извршната власт и на органите на државната управа како дел на извршната власт, кои за својата работа се одговорни на Владата. Исто така, овластувањата содржани во оспорената одредба, се во функција на остварување на надзорните и контролни ингеренции на Владата спрема органите на државната управа и со нив не се навлегува, ниту, пак, се узурпираат надлежностите на Уставниот суд во однос на заштитата на уставноста и законитоста во Република Македонија.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со оспорената одредба не се повредува ниту еден уставен принцип, поради што не го постави прашањето за согласноста на член 30 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.91/2002
10 јули 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов