Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
а) Одлуката за усвојување измени и дополнувања на ГУП на град Охрид во рамките на МЗ Железничка од 2000-2010 Охрид, бр. 07-291/5 од 3.04.2001 година (“Службен гласник на Општина Охрид” бр. 5/2001) и
б) Одлуката за усвојување измени и дополнувања на ДУП за комплексот на улица Железничка од 2000-2005 Охрид, бр. 07-291/6 од 3.04.2001 година (“Службен гласник на Општина Охрид” бр. 5/2001), двете донесени од Советот на Општина Охрид.
2. МЗ Железничка, преку полномошникот Раде Илиевски, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, од причини што истите не се во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96; 28/97; 18/99; 53/01; 45/02), како и со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр. 69/99; 102/2000; 2/02 – со овој Правилник престанува да важи претходниот).
Според иницијаторот, сторена е повреда на член 11 од Законот, од причина што и двете одлуки се донесени во ист ден и објавени се во ист број на Службениот гласник на општината, а согласно оваа одредба од Законот, детален урбанистички план може да се донесе за населени места и подрачја за кои е веќе донесен генерален урбанистички план. Со оглед дека одлуката за ГУП влегува во сила 8-от ден од објавувањето во Службениот гласник, иницијаторот смета дека е сторена наведената повреда.
Со иницијативата се наведува дека на подносителите на забелешките на ДУП, како и на приговорите дадени по повод носењето на ГУП не им било одговорено, односно дека не бил изготвен Извештај со образложение за неприфатените забелешки, со што била сторена повреда на членот 18 став 4 од Законот.
Во однос на посочениот Правилник, се наведува дека е сторена повреда на членовите 54-56 од Правилникот, од причина што не е водено сметка за растојанието кое било предвидено со Правилникот меѓу објектите од прва класа кои ја загадуваат животната средина и станбените објекти. Тоа оттаму што согласно член 21-а од Законот, при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистички нормативи и стандарди за планирање на просторот.
Со оглед на штетното дејство на живинарската фарма врз животната средина и здравјето на граѓаните, иницијаторите сметаат дека вака донесените акти не се во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на државата утврдени во членот 8 алинеи 1, 3, 6, 7 и 8 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека двете оспорени одлуки се донесени на 03.04.2001 година, на VI седница на Советот на Општина Охрид. Врз основа на Записникот од оваа седница, Судот констатира дека како 5 точка на дневниот ред е поместена Одлуката за ГУП, а како шеста точка – Одлуката за ДУП, при што прво е расправано за и усвоена е Одлуката за ГУП, а потоа усвоена Одлуката за ДУП.
Двете одлуки се објавени во “Службениот гласник на Општина Охрид” бр. 5 на 15.04.2001 година, со тоа што Одлуката за ГУП е заведена под број со пониска вредност од Одлуката за ДУП.
Во однос на Одлуката за ДУП, Судот утврди дека Одлуката за утврдување нацрт измени и дополнувања на ДУП за комплексот на улица Железничка 2000-2005 Охрид Советот ја донел на 07.07.2000 година, под бр. 07-416/6 и истата е објавена во “Службениот гласник на Општина Охрид” бр. 4/2000.
Главниот градски архитект го изработил Извештајот од спроведената јавна анкета по нацрт измената и дополнувањето на ДУП за комплексот на улица Железничка-Охрид, заведен под бр.22-416/6 од 25.07.2000 година.
Градоначалникот на Општина Охрид, под бр. 08-416/6 од 07.07.2000 година донел решение за спроведување јавна анкета по нацрт измената и дополнувањето на ДУП за комплексот на улица Железничка-Охрид, кое било емитувано на праграмата на Радио Охрид во терминот од 07.07 до 21.07.2001 година (констатирано од потврдата издадена од Радио Охрид бр.03-165/1 од 9.7.2002 година).
Во мај 2000 година, А.Д. за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС” – Скопје изработило Стручна ревизија на нацрт измени и дополнувања на ДУП за комплексот на улица Железничка-Охрид.
Министерството за транспорт и врски издало Согласност за спроведување на ДУП за комплексот на улица Железничка-Охрид, бр.13-3891 од 19.04.2001 година.
Во однос на Одлуката за ГУП, врз основа на расположи-вата документација, Судот утврди дека е одржана стручна расправа, што е констатирано со Записник од одржаната стручна расправа на 26.07.2000 година, на која меѓу останатите точки дискутирано е за, и дадена е согласност да продолжи постапката за донесување на Одлуката за ГУП.
Со бр.07-416/5 од 07.07.2000 година, Советот на Општина Охрид донел Одлука за утврдување нацрт измени и дополнувања на ОУП на град Охрид во рамките на МЗ Железничка 2000-2010 Охрид, која е објавена во “Службениот гласник на Општина Охрид” бр. 4/2000.
Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, на 19.04.2001 год. издало Согласност за спроведување на измени и дополнувања на ГУП на град Охрид во рамките на МЗ Железничка – Охрид заведена под бр.13-3889.
4. Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека на иста седница на Советот на Општината донесени се и двете одлуки. При тоа, како прва на дневниот ред е ставена одлуката за ГУП, а потоа и Одлуката за ДУП. Во деловодните книги на општината, Одлуката за ГУП е заведена пред Одлуката за ДУП. Надлежното министерство на ист ден издало согласност за спроведување на двете одлуки.
Двете оспорени одлуки се објавени во ист број (бр.5) на “Службениот гласник на Општина Охрид”, при што и за двете е предвидено дека влегуваат во сила 8-от ден од објавувањето.
Согласно член 11 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.
Ако се има предвид конкретната ситуација, Одлуката за ГУП е усвоена пред усвојувањето на Одлуката за ДУП. Иако и двете Одлуки се разгледувани и усвоени на иста седница на Советот на Општина Охрид, сепак Судот констатира дека измените и дополнувањата на ДУП се донесени откако претходно Советот расправал и ја прифатил измената и дополнувањето на ГУП за предметната локација. Двете одлуки се објавени во ист број на Службениот гласник на Општината, но и двете влегуваат во сила 8-от ден од нивното објавување. Тоа значи дека не може да стане збор дека во моментот на влегувањето во сила на ДУП не постоел ГУП. И двете одлуки влегуваат во сила и произведуваат правно дејство во ист момент, односно Судот оцени дека е исполнета законската претпоставка според која ДУП може да се донесе за одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Оттука, Судот оцени дека не се засновани наводите во иницијативата со кои се оспорува законитоста на Одлуката за ДУП, од аспект дека не бил донесен ГУП, како основа за носењето на деталниот план.
Што се однесува до вториот аспект на оспорување, врз основа на приложената документација, Судот оцени дека спротивно на тврдењата на иницијаторот, Извештај од спроведената јавна анкета по нацрт измената и дополнувањето на ДУП за комплексот на улица Железничка-Охрид, е изработен од страна на главниот градски архитект и заведен под бр.22-416/6 од 25.07.2000 година. Во овој Извештај, во точката 2 е констатирано дека се поднесени забелешки од група граѓани со барање за дислокација на живинарската фарма, но и дадено е образложение дека животната средина нема да се загадува, а од друга страна ќе се овозможи дополнително вработување на нова работна сила и проширување на капацитетот. Врз основа на тоа, главниот градски архитект смета дека забелешките не се основани, но сепак поради нивниот голем број, предложено е конечната одлука да ја донесе Советот на Општината.
Согласно членот 18 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештај за стручната расправа (по генералниот урбанистички план) и јавната анкета (по деталниот урбанистички план), со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно градот Скопје.
Од друга страна пак, според член 17 став 5 од Законот, стручната расправа и јавната анкета ги организира општината, односно градот Скопје.
Имајќи ги предвид овие одредби, Судот заклучи дека Законот не стипулира обврска за општината одговорите на доставените забелешки од јавната анкета да ги достави на самите подносители непосредно. Имено, јавната накета претставува една фаза во донесувањето на деталниот урбанистички план во која доаѓа до израз јавноста или демократичноста на постапката за урбанистичко планирање, во која заинтересираните субјекти и граѓани може да го искажат своето мислење за проблемите кои се од локален карактер, а ги тангираат нивните интереси на непосреден начин. Сепак, општината нема законска обврска Извештајот од спроведена јавна анкета и одговорите за неприфатените забелешки да им ги достави на граѓаните. Нејзината обврска настанува и завршува со изработувањето на Извештајот, во кој ќе бидат поместени причините и образложението за неприфатените забелешки.
Во иницијативата е наведено дека на заинтересираните субјекти не им било одговорено ниту во однос на забелешките дадени во однос на ГУП. И во овој дел Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани поради тоа што одговор на забелешките по повод донесување на генерален урбанистички план не е ниту можно да бидат дадени затоа што согласно Законот, граѓаните не се вклучени во постапката за донесување на ГУП, како што е случајот со ДУП, каде тие учествуваат преку јавната анкета.
Согласно член 17 став 2 од Законот, по нацртот на генералниот урбанистички план се организира стручна расправа, со учество на претставници на органите и организациите од подрачјето опфатено со планот.
Согласно член 17 став 5 од Законот, стручната расправа ја организира општината, односно градот Скопје, при што согласно член 18 став 4 од Законот, општината, односно градот Скопје изработува извештај за стручната расправа со образложение за неприфатените забелешки.
Врз основа на доставениот Записник од одржаната стручна расправа, Судот заклучи дека стручна расправа по измените и дополнувањата на ГУП за предметната локација била одржана на 26.07.2000 година, на која присуствувале претставници на органите и организациите засегнати со планот, каде било одлучено одлуката да се дозволи и постапката да продолжи понатаму.
Оттука, се утврди дека не постојат услови Судот да го отвори прашањето за законитост на Одлуката за ГУП од овој аспект.
Со иницијативата зафатен е уште еден аспект на оспорување, а тоа е релацијата на ГУП и ДУП со посочениот Правилник, каде како основ се наведува непочитувањето на одредбата во однос на далечината, односно растојанието кое треба да постои меѓу објекти кои емитуваат штетни материи и објекти кои служат за станбено живеење.
Согласно членот 21-а од Законот е предвидено дека при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистички стандарди и нормативи за планирање на просторот.
Имајќи ја предвид одредбата од членот 110 од Уставот на Република Македонија, не може да се воспостави надлежност на Судот да одлучува за согласноста меѓу два прописи. Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот го носи надлежниот министер и овие стандарди и нормативи претставуваат задолжителен елемент кој треба да се инкорпорира во интегралното планирање на просторот. Сепак, Судот нема надлежност да одлучува дали во конкретниот случај се повредени некои одредби од респективниот правилник, од причина што се работи за акти кои во правната хиерархија на актите се наоѓаат на исто ниво (подзаконски акти).
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение, во однос на точката 1.а) од решението, Судот го донесе едногласно, а во однос на точката 1.б) го донесе со мнозинство гласови во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.146/2001
10 јули 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов