Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ:
а) Одлуката за одредување паушал на советниците на општина “Петровец”, донесена од Советот на општината на 31 октомври 2000 година;
б) Одлуката за потврдување на Одлуката за одредување паушал на советниците на општина “Петровец”, донесена од Советот на општина “Петровец” на 20 ноември 2000 година и
в) Одлуката донесена од Советот на општина “Петровец” со која се определува членовите на Советот да добиваат по 1000,00 денари на име дневен трошок, а за секое присуство на работа во одборите и комисиите, формирани од страна на Советот, како и за присуство при склучување на бракови да добиваат надоместок во висина од 708,00 денари, и
г) Одлуката за определување паушал на претседавачот на Советот на општина “Петровец”, донесена од Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на 5 декември 2000 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство по нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.223/2001 од 15 мај 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста, односно законитоста за актите означени под а), б), в) и г) од точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за локалната самоуправа.
4.1. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за одредување паушал на советниците на општина “Петровец” на советниците на општина “Петровец” им се определува месечен надомест во висина од 4000,00 денари, истата ќе се применува од денот на верификацијата на мандатите на советниците, а ќе стапи во сила со објавувањето во “Службен гласник на општина Петровец”.
4.2. Со Одлуката за потврдување на Одлуката за одредување паушал на советниците на општина Петровец всушност се потврдува одлуката за одредување паушал на советниците на општина Петровец со која на советниците на општина Петровец им се определува месечен паушал од 4000,00 денари.
И оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето и истата ќе се објави во “Службен гласник на општина Петровец”.
4.3. Со третооспорената одлука на советниците на општина Петровец, за секое присуство на седница на Советот, им следува 1000,00 денари дневен трошок.
Според точката 2 од Одлуката за секое присутво на работа на одборите и комисиите, формирани од страна на Советот, како и за присуство при склучување на бракови, на членовите на Советот им следува дневен трошок во висина од 708,00 денари.
Точката 3 од Одлуката предвидува истата да се применува од денот на верификацијата на мандатот на советниците, а да стапи во сила со објавување во “Службен гласник на општина Петровец”.
5. При оценувањето на оспорените одлуки, Судот имаше предвид дека истите се донесени во 2000-тата година, во време на важење на претходниот Закон за локалната самоуправа кој во членот 37 предвидуваше дека членовите на советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци, во со закон утврдени рамки, како и на трошоците направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.
Од оваа одредба произлегува дека законодавецот предвидел право на членовите на советот на надометок на патни и дневни трошоци, во со закон утврдени рамки, како и право на трошоците што ги направиле во извршувањето на доверените задачи.
Со други зборови, Законот за локалната самоуправа, што бил во сила во време на донесувањето на оспорените одлуки, не предвидувал право на советниците на месечен паушал во фиксен износ.
Исто така, надоместокот на советниците за секое присуство на седница го предвидувал во рамки определени со закон, а не во фиксен износ, како што предвидуваат оспорените одлуки.
Во врска со третооспорената одлука, според која советниците добиваат надомест во износ од 1000,00 денари на име дневен трошок плус 708,00 денари за присуство на работа на одборите и комисиите формирани од страна на Советот, Судот оцени дека истата е согласна со закон затоа што Законот предвидува право на советниците на надоместок на патни и дневни трошоци како и трошоци направени во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.
Во овој контекст, Судот го имаше предвид фактот дека оспорените одлуки датираат од 2000-тата година и дека на 6 јануари 2002 година влезе во сила новиот Закон за локалната самоуправа, поради што, при оценувањето на одлуките ги имаше предвид и одредбите од овој закон што ги уредуваат спорните прашања.
Имено, според членот 45 од овој закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместо на патните и дневните трошоци во рамките утврдени со закон, односно законодавецот го предвидува правото на надоместок на советниците за присуство на седници и на патните и дневните трошоци, со тоа што го врзуваат за рамки утврдени со закон.
Интервалот, пак, до донесувањето на овој вид закон, е уреден со одредбата од членот 100 од новиот Закон за локална самоуправа според која до донесувањето на законот од членот 45 од овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Од овие законски одредби произлегува дека законодавецот, со новиот Закон за локална самоуправа предвидува: право на членовите на советот да примаат месечен надоместок за присуство на седница; овој надоместок го ограничува со горен лимит: (најмногу до 30% од просечната нетто месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци) и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одлуки наспроти одредбата од членот 100 од Законот за локална самоуправа, Судот утврди дека тие се согласни со овој закон.
Ова од причина што Законот за локалната самоуправа предвидува право на месечен надомет на советниците за присуство на седница.
Дали, пак, овој надомест треба да изнесува 30% од просечната нетто плата за последните три месеци во Република Македонија или во износ (како што гласат оспорените одлуки) за Судот е ирелевантно.
Релеванто е дека законодавецот такво право предвидува.
Од тие причини Судот утврди дека Одлуката со која на советниците им се определува месечен паушал од 4000,00 денари и Одлуката со која се потврдува оваа одлука се согласни со Законот за локалната самоуправа од овој аспект.
Третооспорената одлука, пак, со која советниците за присуство на седница на советот имаат право на дневни трошоци, според Судот била во согласност со одредбата од членот 37 од Законот за локална самоуправа, што престанал да важи, а таа е во согласност и со членот 45 од Законот за локалната самоуправа, што е во сила.
6. Што се однесува до прашањето за согласноста на одлуките со Уставот на Република Македонија, во смисла што предвидувале да се применуваат пред да бидат објавени во службениот гласник на општината, Судот оцени дека наводите во иницијативата се основани поради следното:
Прво и третооспорената одлука во точката 2 предвидуваат истите да се применуваат со денот на верификација на мандатите на советниците, а да стапат во сила со објавувањето во службениот гласник на општината.
Согласно став 1 на член 52 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Во конкретниов случај, не е постапено согласно оваа уставна одредба.
Имено, одлуките предвидуваат да се применуваат од денот на верификацијата на мандатите на советниците, а нивното влегување во сила го условуваат со нивното дополнително објавување.
Второоспорената одлука во точката 2 содржи одредба според која истата влегува во сила со денот на донесувањет, со тоа што предвидува обврска во иднина да биде објавена во службеното гласило на општината.
Судот оцени дека и во овој случај актот влегува во сила со донесувањето, а не по неговото објавување, поради што утврди дека истите не се во согласност со членот 52 од Уставот на Република Македонија.
7. Судот на седницата, исто така, утврди дека со Одлуката за определување на паушал на претседавачот на Советот на општина Петровец, донесена на 5 декември 2000 година, на претседавачот на истиот му се определува надомест во износ од 6500,00 денари месечно и дека решението ќе се применува од денот на неговиот избор на Советот, односно 13 октомври 2000 година”.
Имајќи го предвид Законот за локалната самоуправа според кој претседавачот на советот има статус на член на советот како и останатите членови, Судот оцени дека и тој има право на надомест во со закон утврдени рамки но, не и на посебен надомест за вршењето на таа функција.
Исто така, Судот утврди дека оваа одлука предвидува истата да се применува од 13 октомври 2000 година, донесена е на 5 декември 2000 година, а објавена во службениот гласник на општината на 13 декември 2000 година.
Од изнесеното произлегува дека се предвидува применување на одлуката два месеци пред нејзиното објавување во службен гласник на општината, поради што Судот утврди дека истата не е во согласност со членот 52 од Уставот на Република Македонија.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски
У.бр.223/2001
19 јуни 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов