Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 јуни 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за бришење на стасаните а не наплатените побарувања по основ на користење на деловен простор со кој стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, број 02-972/4 од 21.02.2002 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
2. Зацеска Сузана, Христовска Јулијана, Димовски Љупчо, Михајлов Ацо и Силвана Вељановска, адвокати од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата, Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисувње со станбен и деловен простор на Република Македонија со донесувањето на оспорената Одлука за бришење на стасаните а не наплатените побарувања по основ на користење на деловниот простор со кој стопанисува тоа Јавно претпријатие, ја нарушил еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите и дозволил привилегиран статус на одредена група на корисници на деловен простор, што било спротивно на членовите 9, 20, 48 и 55 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно член 52 став 1 и 2 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Законот за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94), во членот 1 утврдува дека за стопанисување со станбениот и деловниот простор на кој право на користење, управување и располагање има Република Македонија се основа јавно претпријатие под фирма, според членот 4 од овој закон, како Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. Во членот 5 од Законот, како дејности на ова Јавно претпријатие меѓу другото се наведени дека ја утврдува висината на закупот и склучува договори за закуп на станбениот и деловниот простор, води негова евиденција, продажба, субвенционирање на закупнината и други дејности, а согласно членот 9 од Законот, Владата на Република Македонија дава согласност на статутот и годишната програма на Јавното претпријатие, одлуката за утврдување на висината на станарината, односно закупнината на финансискиот план и завршната сметка на јавното претпријатие.
Од погоре изнесеното произлегува дека Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија со закон е основано, и со закон е овластено да стопанисува со наведениот имот на Републиката.
Со подоцна донесениот Закон за јавни претпријатија (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.38/96 и 6/2002), е општо уредена материјата на вршењето на стопански дејности од јавен интерес преку јавни претпријатија, нивното основање, организација и други статусни прашања.
Врз основа на членот 3 од овој Закон, јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија.
Со оглед на тоа што Јавното претпријатие за стопанисување со станбениот и деловниот простор на Република Македонија е веќе со закон основано, тоа, согласно членот 49 од Законот за јавни претпријатија е должно организацијата и работењето да го усогласи со одредбите од овој закон.
Во овој контекст, поаѓајќи од фактот дека ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, стопанисува со имот на Републиката, а Владата на Република Македонија има статус на негов основач, произлегува дека ова Јавно претпријатие согласно членот 11 од Законот за јавни претпријатија е условено да прибавува согласност од Владата при донесувањето на актите кои се наведени во наведениот член а во кои, меѓу другото е и согласност на актот за употреба на средствата од работењето и покривањето на загубите, актот за утврдување на цените на услугите и производите кои ги продава и врши за корисниците и други акти.
Од одредбите на оспорената Одлука произлегува дека се бришат од сметководствената евиденција стасаните а не наплатените побарувања по основ на користење на деловни простори со кои стопанисува Јавното претпријатие, за периодот од 1.01.2001 година од страна на правни лица корисници на финансиски средства од Буџетот на Република Македонија, здруженија, асоцијации и организации кои во основа се бават со дејност од општ интерес.
Оваа Одлука има согласност со Одлука на Владата на Република Македонија број 23-248/1 од 29.01.2002 година објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.19/2002.
Врз основа на погоренаведеното а имајќи ја во предвид содржината на оспорената Одлука на Управниот одбор на Јавното претпријатие донесена по претходна согласност со Одлука на Владата на Република Македонија, Судот утврди дека оспорената Одлука е акт на располагање на Републиката, преку Јавното претпријатие, во доменот на стопанисувањето со имотот односно деловниот простор кој е во сопственост на Републиката. Оспорената Одлука не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, бидејќи има еднократно дејство а тоа е да се елиминира плаќањето на стасаните а ненаплатени побарувања за одреден период по основ на користење на деловниот простор со кој стопанисува Јавното претпријатие и се однесува на точно определени корисници на тој простор, а не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, и таа не е објавена во “Службен весник на Република Македонија”. Со оспорената одлука се одлучува за прашања од облигационо-правни односи од договори за закуп на деловни простори помеѓу Републиката како сопственик и закуподавач и корисниците на тој имот како закупци, односно не се однесува за прашања од јавно-правно значење, поради што Уставниот суд не е надлежен да одлучува по неа.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.69/2002
12 јуни 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов