10/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија”бр. 41/94).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, законската одредба го овластувала Апелациониот суд во Скопје да ја оценува уставноста на програмите и статутите на политичките партии и тоа да го прави пред да се изврши упис на партијата во судскиот регистар, иако постоеле посебни заштитни механизми против неуставните програми и статути и против неуставното дејствување на партиите по нивниот упис во судскиот регистар, па таквото овластување било повреда на уставните одредби од член 8 став 1 алинеја 1 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот) алинеја 3 (владеењето на правото), алинеја 5 (политичкиот плурализам), повреда на член 20 (слободата на политичко здружување), член 51 (законите да мораат да бидат во согласност со Уставот), член 54 (слободите и правата да можат да се ограничуваат само во уставно определени случаи) и на член 110 алинеа 3 и 7 (заштита на слободата на граѓаните на политичко здружување и дејствување од страна на Уставниот суд и негова надлежност да ја оценува уставноста на програмите и статутите на политичките партии).

3. Судот на седницата утврди дека со член 14 од Законот се определува дека “Окружниот суд во Скопје нема да изврши упис во судскиот регистар ако утврди дека политичката партија е основана за дејствија спротивни на забраните од член 4 од овој закон”.
Членот 4 од Законот предвидува дека “Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:
– насилно уривање на уставниот поредок;
– поттикнување или повикување на воена агресија и
_ – разгорување на национална, верска или расна омраза
или нетрпеливост”.
Од изнесените законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека Апелациониот суд е овластен да ја оценува законитоста на програмите и статутите на партиите во основање од ограничувачките уставни аспекти за да се изврши нивен упис во судски регистар, а не уставноста на програмите и статутите на партиите во основање. Во таа смисла, законската одредба не значи повреда на слободата на политичко дејствување и здружување, бидејќи граѓаните не ги исполниле правните претпоставки за да можат да ја остваруваат таа слобода. Покрај тоа, така разбрана законската одредба не значи навлегување на Апелациониот суд во делокругот на Уставниот суд, ниту, пак, повреда на другите вредности посочени во иницијативата – владеење на правото, политичкиот плурализам,. . .

4. Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 14 од Законот со уставните одредби наведени во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 10/2002
12 јуни 2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов