У.бр.219/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот на градоначалникот на општина Зелениково за решавање на судир на надлежност меѓу Основниот суд Скопје I – Скопје, како носител на судската власт и Министерството за транспорт и врски, како носител на извршната власт.

2. Градоначалник на општина Зелениково, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе предлог (барање) за решавање на судирот на надлежност меѓу носителите на извршната и судската власт во спорот за употребување, користење и управување со водоводот во с. Орешани.

Во барањето се наведува дека поради негативен судир на надлежност, настанат во предметниот спор меѓу носителите на извршната и судска власт, општината Зелениково не можела, односно била попречена во вршењето на нејзината надлежност во врска со стопанисувањето со водоводот во село Орешани, утврдена во Законот за локалната самоуправа и во Законот за комунални дејности.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд Скопје II, Скопје, во спорот заведен по тужбата на тужителот општина Зелениково за признавање на правото на стопанисување со водоводот во с.Орешани против тужените МЗ од с.Орешани и претседателот на Одборот на МЗ Петре Грнчаревски, со Решение ЛИИ ПС бр.358/2000 од 11.04.2000 година, се огласил за ненадележен за решавање на овој спор и тужбата на тужителот ја отфрлил.

Од образложението на решението се гледа дека тужителот барал да се задолжат тужените да му го признаат правото на стопанисување со водоводот и истиот да му го предадат во владание. Притоа, побарал судот да утврди дека првотужениот (МЗ с.Орешани) врши комунална дејност снабдување со вода за пиење во с.Орешани без добиена концесија или дозвола за вршење на дејноста од општината Зелениково и истиот да се задолжи (МЗ с.Орешани) да го признае правото на стопанисување со водоводот на тужителот (општина Зелениково) и да го предаде во непречено владание на тужителот како и да се воздржи од активности кои ќе му пречат во непреченото владание, за да може тужителот (општина Зелениково) да ги реализира одлуките што ги донел во врска со реализацијата на својата надлежност за уредување и организирање на снабдувањето со вода за пиење.

Понатаму, од образложението се гледа дека Основниот суд Скопје II, Скопје, по одржаната расправа на 11.04.2001 година оценил дека одлучувањето по барањето на тужителот не спаѓа во надлежност на судот, туку во надлежност на Републичката управа за водостопанство, поради што согласно член 16 став 2 од Законот за парничната постапка ја отфрлил тужбата на тужителот.

Незадоволен од одлуката на Судот, тужителот (општина Зелениково) поднел жалба до Апелациониот суд во Скопје со образложение дека според Законот за локалната самоуправа и Законот за комунални дејности вршењето на комуналната дејност-снабдување со вода за пиење било од јавен интрес, врз основа на што и одлучувањето за тужбеното барање било во судска надлежност.

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалбата, нашол дека првостепениот суд правилно постапил, па со решение од 11 јули 2001 година ја одбил жалбата како неоснована. Притоа, Апалациониот суд оценил дека барањето на тужителот е во надлежност на Републичката управа за водостопанство, повикувајќи се на членот 35 од Законот за води според кој одобрение за стопанисување со водостопанските објекти дава споменатата управа при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Со цел да се разреши овој спор, општината Зелениково со барање бр.08-220/1 од 28 мај 2001 година се обратила до Републичката управа за водостопанство, при што се повикала на упатствата на Основниот суд Скопје II – Скопје и Апелациониот суд.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во чиј состав е Управата за водостопанство, во врска со барањето на општината Зелениково за преземање на мерки за решавање на спорот околу признавањето на правото на стопанисување со водоводот во с. Орешани и негово предавање во нејзино владение, со писмо бр.12-5100/2 од 11.06.2001 година ја известило општината за неговата ненадлежност во врска со решавањето на овој спор, при тоа посочувајќи го доменот на овластувањето на Управата во оваа сфера (да издава само водостопанска дозвола со која се стекнува право за употреба или за користење на вода и за користење на изградените водостопански објекти и тоа од аспект да не се влијае на нарушувањето на режимот на водите). Едновремено, ја упатило општината да се обрати до Министерството за транспорт и врски кое според Законот за изградба на инвестициони објекти било надлежно да издава решение за употреба на објектите како и да врши надзор на примената на Законот за комунални дејности со кој се уредени условите и начинот на вршење на комуналните дејности, како што е и дејноста во врска со снабдувањето со вода за пиење.

4. Според член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 од Деловникот, органите од член 62 од Деловникот, предлогот за решавање на судирот на надлежностите може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или одбие надлежноста за решавање ист предмет, а додека субјектите од членот 62 предлогот можат да го поднесат откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.

Од изнесените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во конкретниот случај, освен предлогот од странката, односно општината Зелениково, би претставувало и постоење на конечен или правосилен акт на органот на управата и на судот со кои и двата овие органи би ја прифатиле или одбиле надлежноста за решавање на барањето на општината за утврдување на нејзиното право на употребување и користење на регионалниот водовод во с. Орешани.

Имајќи го предвид наведеното, како и утврдената фактичка состојба според мислењето на Судот, во овој случај не е настанат, односно не постои негативен судир на надлежност меѓу носителите на судската и извршната власт, бидејќи во однос на барањето на подносителот на овој предлог постои само правосилен акт на судот со кој тој го отфрлил неговото барање поради ненадлежност, додека таков акт за одбивање на надлежност за решавање не постои, односно не е донесен од страна на органот на државната управа.

Имено, според мислењето на Судот, во конкретниов случај не може да се прифати дека известувањето на Управата за водостопанство на кое се повикува подносителот на овој предлог, по форма и содржина претставува конкретен управен акт со кој овој орган ја одбил својата надлежност за решавање на барањето на странката. Ова од причини што ова известување не е означено со ниту еден од називите што можат да му се дадат на актот со кој органите на државната управа решаваат во управните работи (решение, дозвола, овластување, одобрение и сл.) и што истото не ги содржи елементите што се задолжителни за секое писмено решение (акт) донесено во управна постапка (увод, диспозитив, изрека, образложение, упатство за правно средство или т.н. правна поука и др.).

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во овој случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по предлогот за решавање на судир на надлежност во смисла на член 63 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.219/2001
5 јуни 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов