Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 мај 2002 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА членот 5 став 4 алинеја 1 од Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/2001 година).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во І Службен весник на Република МакедонијаІ .
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.9/2002 од 6 март 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основно се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 5 став 4 алинеја 1 од Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/2001), директорот може да биде отповикан, во врска со став 3 алинеја 4 од овој член:
– во случај кога е осудуван за кривично дело со правосилна судска пресуда;
5. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, содржана е една од темелните вредности на уставниот поредок, преку принципот за владеење на правото.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 58 став 2 од Уставот на Република Македонија, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Според содржината на 101 став 1 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996), правните последици на осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, не можат да настапат кога за кривичното дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна. Според став 2 од истата одредба правните последици можат да се предвидат само со закон.
Во член 5 став 3 од Законот за спречување на перење пари, предвидени се повеќе случаи кога на Директорот на Дирекцијата за спречување на перење пари му завршува мандатот, а во алинејата 4 предвидено е на Директорот мандатот да му заврши и во случај на отповикување, како еден од случаите.
Оспорената алинеја 1 од ставот 4 на членот 5, од Законот представува конкретизирање и појаснување на цитираниот ставот 3 алинеја 4 од Законот за спречување на перење пари, а според оспорената алинеја, Директорот може да биде отповикан во случај кога е осудуван за кривично дело со правосилна судска пресуда.
6. Тргнувајќи од уставниот принцип за владеење на правото, должноста за почитување на Уставот и законите од секого и принципот за стручност и компетентност во вршењето на јавните функции, а имајќи ја во предвид и концепцијата на Кривичниот законик по однос на правните последици на осудата според цититаните одредби, Судот оцени дека основано се поставува прашање за уставноста на оспорената одредба.
Имено, содржината на член 101 од Кривичниот законик не дозволува правните последици на осудата да настапат автоматски, по сила на закон, туку врз основа на правосилна судска одлука и казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител. Натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело, а кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.
Од друга страна, општата законската формулација “Кривично дело” во оспорената одредба, по мислење на Судот дава простор за правна несигурност за лицето што ја обавува функцијата Директор на Дирекцијата, па во случај да во неговиот мандат биде осуден за било какво кривично дело, по сила на закон би му завршила функцијата. Следејќи ја интенцијата на законодавецот при донесување на Кривичниот законик и законската определба правни последици на осудата за определени кривични дела да не можат да настапат кога за кривичното дело е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога лицето е ослободено од казна, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 и 58 став 2 од Уставот на Република Македонија. Ова уште повеќе што не секое кривично дело го прави Директорот недоличен и некомпетентен за обавување на функцијата, туку точно определени, конкретни кривични дела поврзани со неговата работа и личност, а оспорената одредба не содржи прецизен и дециден опис на таквите кривични дела.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од петседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 9/2002
22 мај 2002 год.
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов