У.бр.252/2001

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 став 2 алинеја 2 од Правилникот за овластување на стручно лице за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавица и клубени, лозови и овошни насади, донесен од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2001).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 1 член 13 став 1, член 17 став 1, член 19 став 1 и член 22 став 1 во делот каде стои “трговско друштво” и член 15 став 1 во делот каде стои “стручно лице” од Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување, признавање, одобрување и заштита на сорта (“Службен весник на Република Македонија” бр.41/2000).

3. Јавната научна установа – Институт за јужни земјоделски култури од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби од законот каде стои “трговско друштво” не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 и член 55 од Уставот на Република Македонија, затоа што со производство, доработка, промет, увоз и извоз на семенски материјали, саден материјал и материјал за размножување не се бават само трговските друштва, тие најмалку се бават со тоа освен со трговија на истите. Во законот наместо трговски друштва треба да стои правни лица. Со наведените членови од законот останатите правни лица како јавни претпријатија, јавни научни установ – институти и други правни лица што не се трговски друштва се ставени во нерамноправна положба да можат да обавуваат дејност на производство, доработка, промет или увоз и извоз на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување а тоа е нивна основна дејност.

Понатаму во иницијативата се наведува дека член 15 став 1 од Законот каде стои “стручно лице” не бил во согласност со наведените уставни одредби, затоа што со стручна контрола на производство и доработка на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување се бават и правни лица кои не се наведени во оспорениот член, па според тоа наместо “стручно лице” треба да се предвиди правно лице.

Во однос на оспорениот член од Правилникот во иницијативата се наведува дека тој не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7 и член 55 од Уставот и со член 15 став 4 од Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување, признавање, одобрување и заштита на сортата затоа што во него бил предвиден дополнителен услов кој треба да го исполнува стручното лице за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и клубени, лозови и овошни насад кој не е предвиден во Законот.

4. Судот на седницата утврди дека во Правилникот за овластување на стручното лице за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и кртоли, лозови и овошни насади, донесен врз основа на член 15 став 2 од Законот за семенски материјали, саден материјал и материјал за размножување, производство, одобрување и заштита на сортата од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е предвидено дека со правилникот се уредува издавањето и одземањето на овластувањето на стручното лице за вршење на стручна контрола на производството и одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и клубени, лозови и овошни насади. Овластувањето го издава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство кое е доказ дека стручното лице е способно и може самостојно да врши контрола.

Стручното лице овластувањето може јавно да го истакне на местото каде што ја обавува основната дејност.

Во член 3 од Правилникот е предвидено дека овластувањето се издава врз основа на доставено барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Управа за семе и саден материјал.

Во прилог на барањето се доставува следниот доказ:

– диплома за завршен земјоделски факултет,
– диплома за завршен последипломски студии од
соодветната област,
– државјанство на Република Македонија,
– доказ за работно искуство.

Согласно член 32 став 2 од Уставот секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор.

Во член 15 од Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување….. е предвидено дека стручна контрола на производството на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување и доработка може да врши стручно лице овластено за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавица и кртоли….

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство донесува акт за овластување од став 1 на овој член.

Стручното лице од став 1 на овој член треба да е со завршен земјоделски факултет од соодветната област со работно искуство најмалку 5 години во производство и доработка на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување.

Од изнесеното произлегува дека со законот се утврдени условите кои треба да ги исполнува лицето кое бара акт за овластување за вршење на стручна контрола кој акт го носи министерот.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорената одредба од Правилникот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство утврдил дополнителен услов постдипломски студии за стручното лице кое може да врши стручна контрола, пред Судот основано се постави прашањето дали тој не ги пречекорил законските овластувањата, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Судот, исто така утврди дека според член 1 од Законот за семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување признавање и одобрување и заштита на сортата (“Службен весник на РМ” бр.41/2000) со овој закон се уредува производството, доработката, прометот и извозот и увозот на семенски материјал, садниот материјал и материјалот за размножување од растително потекло, како и признавањето, одобрувањето и заштитата на сортата со исклучок на семенскиот материјал и садниот материјал од шумски растенија.

Во оспорениот член 5 став 1 од Законот е предвидено дека производство на семенски материјал, саден материјал, материјал за размножување може да врши трговско друштво кое ги исполнува условите. . . . .

Во оспорениот член 13 став 1 од Законот е предвидено дека доработка на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување може да врши трговско друштво кое ги исполнува условите . . . . .

Во оспорениот член 17 став 1 од Законот е предвидено дека промет на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување може да врши трговско друштво кое ги исполнува условите . . . . .

Во оспорениот член 19 став 1 од Законот е предвидено дека трговското друштво кое семенскиот материјал и садниот материјал прво го пушта во промет или повторно го пакува и пушта во промет, потребно е да води евиденција за тежината и бројот на парчиња и потеклото.

Во оспорениот член 22 став 1 од Законот е предвидено дека увоз и извоз на семенски материјал, саден материјал и материјал за разможување може да врши трговско друштво кое ги исполнува следните услови…….

6. Во член 8 став 1 алиенја 3, 6 и 7 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Со членот 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 на истиот член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Од изнесеното произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа слободата на пазарот и претприемништвото не може да се свати како работа само на субјекти на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регуларот на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претставува еднаква правна положба на субјекти во вршењето на својата дејност. Имено еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Во таа насока законодавецот со Законот за трговските друштва ги утврдил и правните форми во кои се врши стопанската дејност.

Со наведениот закон се регулирани правно организационите форми на трговските друштва т.е. се утврдуваат нормативно положата, организацијата и правилата за функционирање на трговецот преку две основни форми на организација и тоа тровец поединец и трговско друштво.

Во Законот за трговските друштва нема одредби за јавните претпријатија и јавните установи имајќи предвид дека тие се основани за задоволување на општи потреби на граѓаните и нивното основање не е со цел за постигнување на економска корист.

Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Од наведената одредба призлегува дека во сферата на општествените дејности, според Уставот, јавната установа е промовирана како институција која може да ја организира државата како јавна установа и таа е во државна сопственост и ако во јавната установа може да има сегмент и од друг вид сопственост. Имено нашиот правен систем се определил за еден модел на организација или вршење односно остварување на јавните функции преку посебни правни ентитети, а тоа се јавните претпријатија и јавните установи кои имаат со закон определена организациона, фукционална и финансиска самостојност без кои белези тие не би имале својство на правно лице.

Јавните установи работат и функционираат во услови на државна сопственост на објектите, средствата и опремата, а нивното основање не е со цел за постигнување на економска корист туку за задоволување на општите потреби на граѓаните.

Врз основа на утврденото уставно овластување, управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби законодавецот го уредил во повеќе закони од областа на општествените и другите дејности, а меѓу кои е и Законот за научно истражувачката дејност со кој се уредуваат покрај другото и прашањето на основањето, работата, функционирањето. . . . . . на научните установи кои може да бидат основни и како институции како што е во конкретниов случај.

Имајќи го предви изнесеното а поаѓајќи од нормативната поставеност на стопанските субјекти и јавните установи, Судот смета дека законодавецот сосема оправдано утврдил посебен правен режим за правните ентитети во стопанството и во општествените дејности бидејќи природата на дејноста што ја обавуваат е различна и тие не можат да имаат еднаква правна положба на пазарот и да делуваат на пазарот согласно принципите на слобода на пазарот и претприемништвото.

Според тоа, Судот смета дека во конкретниов случај со оспорените одредби од Законот во кој е предвидено дека само “трговско друштво” може да врши, производство, доработка, промет, увоз и извоз на семенски материјали, саден материјал и материјал за размножување се операционализира уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото на тој начин што се определуваат условите за вршење на тие дејности, поради што Судот смета дека не може да се постави прашање за нивна согласност со наведените уставни одредби.

7. Судот понатаму утврди дека во член 15 став 1 од Законот е предвидено дека стручна конрола на производство на семенски материјал, саден материјал и материјал за размножување и доработка може да врши стручно лице овластено за одобрување на семенски посеви, посеви со лукавици и кртоли, лозови и овошни насади.

8. Според член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби Судот смета дека определувањето со закон за определени струки да се пропишува и бара посебна стручност за вршење на одделни специфични работи и да се бара посебен документ односно одобрување како доказ на својството на острученост на лицата што вршат такви работи не значи нарушување на уставниот принцип на еднаквост, владеење на правото и слобода на пазарот и претприемништвото.

Со оглед на тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорените одредби со наведените уставни одредби..

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.252/2001
22 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов