У.бр.61/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 22 мај 2002 година донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на измена и дополна на деталниот урбанистички план на град Гостивар на детален лист бр.68(а)9, бр.07-527/1 донесена од Советот на Општина Гостивар на 06.09.2000 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.61/2001 од 27 март 2002 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/96; 28/97; 18/99; 53/01).

4. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката е наведено дека со неа се усвојува измената и дополнувањето на ДУП на град Гостивар на детален лист бр. 68а(9), а се однесува за постапување по забелешките од јавната расправа од 1994 година за објектите помеѓу “ЈНА” од јужна страна, улица “Кочо Зози” од западна и северна страна и граница на имот од сопственици од источна страна.

Согласно членот 2 од Одлуката, измените и дополнувањата на ДУП се прикажани во текстуалниот и графичкиот приказ што претставува составен дел на одлуката.

^ленот 3 уредува дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Гостивар”.

5. Со Законот за просторното и урбанистичко планирање е утврдено изработувањето и постапката за донесување на плановите.

Според членот 2 од Законот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат. Според членот 3 од Законот, изработување и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Самата постапка за донесување на плановите, вклучително и на урбанистичките планови е уредена со самиот закон.

Така, според член 17 на овој Закон, плановите се изработуваат како нацрт и како предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Јавната анкета, пак, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (член 18).

Согласно членот 19 од Законот, на нацрт на плановите, пред организирањето на стручна расправа, односно јавна анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија ја врши стручно-научна институција или комисија што ги определува Министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според членот 22 став 6 и 7 од овој закон, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Во конкретниот случај, врз основа на документација со која располага Судот, а му е доставена од страна на главниот архитект на град Гостивар, Судот ја констатира следната правна и фактичка состојба по предметот:

На 22.03.1999 година под бр.08-174, Повереникот на Владата на Република Македонија за општина Гостивар донел Одлука за пристапување кон измена и дополнување на ДУП на град Гостивар на детален лист бр.68а(9).

Истиот ден, Повереникот на Владата за општина Гостивар носи Одлука за спроведување на јавна анкета заведена под бр. 08-174/1. На 31.12.1999 година, Советот на општина Гостивар носи Одлука за измена и дополна на оваа одлука, а заведена под бр. 07-917/1.

Врз основа на вака донесената одлука за спроведување на јавната анкета, Главниот архитект на градот на 04.07.2000 година под број 20-24/3 издава соопштение за граѓаните, преку Радио Гостивар за одржување на јавната анкета.

Со бр.20-573/6 од 28.07.2000 година е заведен Извештајот од јавната анкета составен од тричлена комисија во кој се дава образложение на приговорите доставени по повод спроведената јавна анкета.

После ова следи стручно мислење од главниот архитект на градот бр. 20-917/2-99 од 24.01.2000 година.

Врз основа на вака спроведената постапката, Советот на општина Гостивар ја носи Одлуката за усвојување на измена и дополнување на ДУП на град Гостивар на детален лист бр.68а(9) бр. 07-527/1 на седницата одржана на 06.09.2000 година (во уводот на оваа одлука е наведено дека истата ја носи Градоначалникот на општина Гостивар).

Министерството за транспорт и врски со акт бр. 13-146 од 09.02.2001 година издава Согласност за спроведување на измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар на деталниот лист бр. 68а(9) на ул. “Кочо Зози”.

Инаку, во ноември 1999 година изработен е Извештај од извршената стручна ревизија на нацрт-планот за измена и дополна на дел од ДУП за Гостивар од “Ин-Пума” Скопје.

Имајќи ја предвид ваквата фактичка состојба по предметот, Судот оцени дека во однос на оспорената Одлука за усвојување на измена и дополна на Деталниот урбанистички план за град Гостивар на деталниот лист бр.68а(9) бр.07-527/1 од 06.09.2000 година, не се почитувани неколку одредби од Законот кои се однесуваат на постапката за донесување на деталните урбанистички планови.

Имено, врз основа на приложената документација која и претходела на донесувањето на оспорената одлука, недостасува формална одлука на Советот на општина Гостивар за усвојување на нацртот на деталниот урбанистички план, како и предлог одлука на измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план за предметната локација.

Ако се има предвид дека нацртот на урбанистичкиот план претставува една фаза при донесувањето на урбанистички план, Судот утврди дека Советот на општината требал да донесе одлука за усвојување на нацрт на планот, која ќе претставува основа за организирање на јавната анкета.

Втората фаза во постапката за донесување на урбанистички план е предлог фазата. Ова е фазата во која Советот на општината, откако е спроведена јавната анкета по нацрт одлуката на планот и врз основа на извештајот од јавната анкета со образложение за неприфатените забелешки и евентуално инкорпорираните забелешки во планот дадени на јавната анкета, треба да го донесе планот.

Со оглед на тоа што Советот на општина Гостивар не донесол акт за усвојување на нацрт и предлог планот, како задолжителни фази во постапката за донесување на детален урбанистички план, Судот оцени дека не се почитувани основните фази на постапката за донесување на детален урбанистички план предвидени во членот 17 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, Судот оцени дека јасно произлегува обврската прописите на единиците на локалната самоуправа да се објавуваат пред да влезат во сила, односно дека мора да се почитува општиот правен принцип, според кој пропис или општ акт не може да има правно дејство и не може да влезе во сила без да се објави. Во конкретниот случај, имајќи предвид дека со член 3 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Гостивар”, Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.61/2001
22 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов