У.бр.214/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за исхрана во Армијата на Република Македонија во мир донесен од Министерот за одбрана во ноември 1995 година и Правилник за дополнување на Правилникот за исхрана во Армијата на Република Македонија во мир донесен од Министерот за одбрана во октомври 1997 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, донесен од Министерот за одбрана 1995 година. Според наводите од иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот, затоа што тој не бил објавен во Службен весник на Република Македонија и ако се применува за целата Армија на Република Македонија.

Оспорениот правилник не бил во согласност со член 96 од Уставот затоа што органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законот. Меѓутоа во конкретниов случај министерот за одбрана немал надлежност да го донесе. Истиот Правилник е во спротивност и со одредбите од член 164 од Законот за органите на управата, односно со член 61 од Законот за организација и работа на државната управа, затоа што со него се утврдуваат права, обврски и надлежности околу исхраната во Армијата на Република Македонија во мир.

При разгледување на оспорениот акт Судот го имаше во предвид и Правилникот за дополнување на Правилникот за исхрана во Армијата на Република Македонија во мир донесен 1997 година.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 160 и 161 став 1 од Законот за органите на управата, а во врска со член 35 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92).

Со Правилникот се уредуваат условите и начинот на исхраната на војниците, војниците по договор, воените обврзници, во резервниот состав на АРМ, питомците на воените училишта, регрутите за време на лекарски и други прегледи и психолошки испитувања, воени старешини и граѓанските лица на слу`ба во постојаниот состав на АРМ, како и исхрана на `ивотните во мир.

Имено во Правилникот се уредени прашањата кои се однесуваат на право на бесплатна исхрана: видови и намена на дневните оброци, видови и намена на дополна во исхраната, редовна исхрана, исхрана во посебни случаи, користење на продукти од воените економии за подобрување на исхраната, програмирање, планирање и организирање на исхраната, прием и чување на продукти, организација на приготвување и поделба на исхраната, санитетско-безбедносни мерки и мерки за заштита при работа во воените ресторани исхрана со наплата.

Понатаму во правилникот се уредува прашањето за исхрана на животните, видови на оброци на храна на животните; видови на додатоци во храната на животните; пасење на стоката.

Составен дел на наведениот правилник се и прилози од бр. 1 до 11 во кој е прикажана енергетската вредност на оброците и структурата на продукти за дневните оброци за додатоци во храната; за летачки и диверзантски полуоброци и друго.

Судот исто така утврди дека во 1997 година министерот за одбрана донел Правилник за дополнување на Правилникот за исхрана во Армијата на Република Македонија во мир.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законот со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законот.

Имајќи ги предвид наводите во иницијативата како и содржината на наведените правилници, Судот оцени дека тие се интерни акти односно тие не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, поради што тој не е надлежен да ја оценува нивната согласност со Уставот и законот.

5. Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова во својство на заменик претседател на Судот и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.

У.бр.214/2001
15 мај 2002 година
С к о п ј е

Го заменува претседателот
СУДИЈА
на Уставниот суд на Република Македонија
Олга Лазова