У.бр.236/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за прекинување на бременост (“Службен весник на СРМ” бр.22/72 и 18/76).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се оспорува пречистениот текст на овој закон, кој како таков, не може да биде предмет на уставносудска оценка, поради што Судот истата ја пренасочи на изворниот текст на Законот.

Според наводите во иницијативата, Законот немал уставен основ, затоа што бил донесен врз основа на членот 242 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, кој предвидувал право на човекот слободно да одлучува за раѓање на деца, со тоа што ова право можело да се ограничи само заради заштитата на здравјето, а воедно овој Устав не бил во правниот поредок на Република Македонија.

Уставот на Република Македонија од 1991 година, исто така, предвидувал право на човекот слободно да одлучува за создавање деца, со тоа што не предвидувал ограничување на ова право заради заштита на здравјето, туку дека Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Иницијативата не содржи појаснување во што се состои разликата меѓу “можноста да се ограничи раѓањето на деца заради заштита на здравјето” и “водењето на хуманата популациона политика”.

3. Судот на седницата утврди дека според овој закон прекинувањето на бременоста е посебна медицинска интервенција за која слободно одлучува бремената жена.

Правото, пак,на прекинување на бременоста, според овој закон, може да се ограничи само заради заштита на здравјето на бремената жена.

Со оглед на тоа дека Законот е донесен во 1972 година, односно во време на важење на Уставот на СР Македонија од 1963 година, Судот, при одлучувањето по предметот ја имаше предвид содржината на овој Устав.

Имено, овој Устав не содржи одредба што го уредува прашањето за раѓањето на децата.

Во него, во главата Општествено економско уредување, под точка 3 е предвидена Здравствената и социјална заштита.

Овој вид заштита, според Уставот, опфаќа должност на општествената заедница да обезбедува услови за основање на здравствени установи, грижа за здравствената заштита на граѓаните и организирање и унапредување на здравствената служба, во што учествуваат работните и другите организации, како и граѓаните.

Според овој Устав, работите на здравствената заштита непосредно ги вршат здравствени установи и здравствените работници, како членови на работните заедници, а секоја здравствена установа и секој здравствен работник се должни да им укажуваат на граѓаните итна медицинска помош.

Со овие одредби од Уставот, се исцрпуваат прашањата сврзани со здравствгената заштита на граѓаните.

Во овој контекст, Судот имаше предвид дека подносителот на иницијативата се повикува на Уставот од 1974 година, поради што го отвори ова прашање и во однос на тој Устав и направи споредба со подоцнежните уставни решенија, сврзани со правото на човекот да одлучува за раѓањето на деца.

Имено, и Уставот од 1974 година и Уставот од 1991 година предвидуваат право на човекот слободно да одлучува за раѓање, односно создавање на деца.

Притоа, Уставот од 1974 година содржи формулација за можност на ограничување на ова право заради заштита на здравјето, додека Уставот од 1991 година содржи формулација според која водењето на хуманата популациона политика има цел усогласување на економскиот и социјалниот развој на Републиката.

Имајќи ја предвид содржината на овие две уставни одредби, Судот оцени дека одредбата од ставот 2 на членот 242 од Уставот на СР Македонија која предвидуваше ограничување на правото на човекот да одлучува за раѓање на деца само заради заштита на неговото здравје во суштина е иста со одредбата од членот 41 став 2 од Уставот на Република Македонија од 1991 година која предвидува хумана популациона политика на Републиката со цел да го усогласи економскиот и социјалниот развој, поради што оцени дрка не може основано да се постави прашањето за уставноста на Законот за прекинување на бременост.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.236/2001
24 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов