49/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 75 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).

2. Трајко Арсов од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива заа поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека во оспорениот закон имало одредби со кои се налагало да плаќаат телевизиска такса лицата кои се посебно домаќинство односно семејство и кои имаат посебен струјомер. Иницијаторот наведува дека живее во куќа од приземје и спрат заедно со синот во едно семејно домаќинство и дека имаат два струјомера кои се се воделе на име на синот. Оттука смета дека немало логика синот да плаќа две телевизиски такси.

Иако иницијаторот не наведува децидно кој член од Законот го оспорува, но од содржината на иницијатива е очигледно дека станува збор за член 75 од Законот за радиодифузијската дејност.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 75 став 1 од Законот за радиодифузна дејност, радиодифузната такса се наплатува со сметката за наплата на електрична енергија врз основа на евиденцијата (регистар на корисници на радио и ТВ премници) што ја води претпријатието од член 74 став 1 на овој закон.

4. Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.88/97 од 5 ноември 1997 година, не поведе постапка за оценување уставноста на членот 75 од Законот, бидејќи оцени дека начинот на наплатата на радиодифузната такса заедно со сметката за електрична енергија не претставува прашање на уставноста туку прашање на техника за која се определил законодавецот во рамките на своите уставни овластувања.

5. Врз основа на член 28 став 1 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување или ако не е надлежен да одлучува.

Со оглед на тоа дека Судот ја ценел уставноста на членот 75 од законот и не повел постапка, а нема основи за поинакво одлучување Судот оцени дека треба да ја отфрли иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата дека имателот на два струјомери не може да плаќа две телевизиски такси, сметаме дека е тоа фактичко прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.49/2002
24 април 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов