У.бр.229/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 април 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. Се УКИНУВААТ членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.229/2001 од 13 февруари 2002 година, поведе постапка по сопствена иницијатива за оценување на уставноста на членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг поблиску ги пропишува министерот за финансии.

Според член 36 став 3 од Законот за наплата на јавните приходи, постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночната обврска поблиску ги пропишува министерот за финансии.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Според член 98 став 5 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредува со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во смисла на член 13 став 1 точка 6 и 11 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), органите на држав-ната управа постапувајќи во рамките на своите надлежности во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, помеѓу другото, решаваат управни работи и вршат други работи утврдени со Устав и закон.

Согласно член 19 став 2 и 3 од Законот, во состав на Министерството за финансии е управата за јавни приходи која има својство на правно лице.

Во член 55 став 1 од Законот, предвидено е дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во член 61 став 1 од Законот, содржано е ограничување во овластувањата на министерот, па истиот со актите што ги донесува не може за граѓаните и другите правни лица да утврдува права и обврски, ниту да пропишува надлежности на други органи.

Од содржината на споменатите одреби произлегува дека министерот за финансии нема овластување со свој акт да ги пропишува постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг и даночната обврска, на кој начин не само што се утврдуваат права и обврски за граѓаните и правните лица, туку постои и опасност од арбитрерност и можност за нееднаков третман на даночните обврзници.

6. Тргнувајќи од уставните вредности за владеењето на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и принципот за уредување на постапките исклучиво со закон, Судот оцени дека постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг и даночната обврска не можат да бидат уредени со акти на министерот за финансии. Впрочем со таквата законска можност би се навлегувало во законодавната власт што во никој случај не му припаѓа во овластување на министерот за финансии.

Поради наведеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа решение.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 229/2001
24 април 2002 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов