У.бр.157/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 64 став 1 точка 5 од Законот за локалните избори (“Службен весник на РМ” бр46/96 и 58/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.157/2001 од 6 февруари 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на членот 64 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека согласно точката 5 на став 1 од членот 64 од Законот, локални избори за градоначалник се вршат, меѓу другото, ако, градоначалникот е осуден за кривично дело или друго дело што го прави недостоен за вршење на функцијата градоначалник.

5. Согласно член 9 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, Судот, оцени дека на сторителот на кривичното дело може да му се изрече казна што за тоа дело е утврдена со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука што всушност значи дека други и идни последици од осудата за стореното дело, Уставот не допушта, поради што утврди дека оспорената одредба од Законот за локалните избори е несогласна со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.157/2001
17 април 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов