Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за основање Фонд за уредување на градежно земјиште и локални патишта во Општина Радовиш бр.07-27/1 од 22.01.2001 година.
2. Градоначалникот на Општина Радовиш, проф. д-р Ристе Кукутанов, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука нема законска основа во Законот за градежното земјиште, бидејќи овој закон не содржел овластување за општината или пак Советот на општината да формира посебно правно лице за уредување на градежното земјиште и да основа Управен одбор кој ќе управува со него. Покрај укажувањата на иницијаторот дека градежното земјиште требало да се изостави и не биде во пакет со локалните патишта, Советот на Општината ја донел оспорената одлука, за што како градоначалник бил принуден да ја прогласи и поднел иницијатива за преиспитување на законитоста.
Со оглед да Законот за градежно земјиште дава само право на Советот на општината да донесе Програма за уредување на градежното земјиште, иницијаторот смета дека оспорениот акт не е во согласност со членовите: 11, 42 и 43 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001).
Се појаснува дека во 1997 година се направил обид да се формира ист таков Фонд, според одредбите од претходниот Закон за градежно земјиште, но регистарскиот суд го одбил барањето за упис, па претходно формираниот огран од 1991 година, за уредување на градежно земјиште, комунална изградба и одржување на станбениот фонд, се уште егзистира во правниот промет и работи со подсметка на општината.
3. Судот на седницата утврди дека Оспорената Одлука бр.07-27/1 од 22.01.2002 год. е донесена од Советот на Општината Радовиш на одржана седица, а врз основа на член 17 став 1 точка 29 од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), членовите 42 и 43 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), членовите 20 став 4 и 125 од Законот за јавни патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996) и член 43 став 1 точка 30 од Статутот на Општината Радовиш.
Оспорениот акт носи наслов “Одлука за основање Фонд за уредување на градежно земјиште и локални патишта во Општина Радовиш”. Во членот 1 е определено дека со споменатата Одлука се основа Фонд за уредување на градежно земјиште и локални патишта, кој Фонд го спроведува начинот на вршење на работите на уредување и употреба на градежно земјиште, комунална изградба и локални патишта за Општина Радовиш, а основач на Фондот е Советот на општината .
Членот 2 ги содржи дејностите на Фондот, при што во точката 1 се дадени дејностите од областа на градежното земјиште, а во точката 2 се дадени дејностите од областа на локалните патишта. Членовите 3, 4, 5 и 6, содржат одредби за именување и разрешување, како и за надлежностите на Управниот одбор и директорот на Фондот, како негови органи.
Во членот 7 се означени прашањата што се уредуваат со Статутот на Фондот и воедно е определено дека согласност на Статутот дава Советот на Општината Радовиш. Според содржината на членот 8, надзор над законитоста на Фондот врши Советот на Општината Радовиш.
Предвидено е правата, обврските, средствата, опрема-та, работниците, документацијата и другиот имот на ОСИЗ, да ги превземе споменатиот Фонд, а со денот во влегување во сила на оспорената одлука да престане да важи Одлуката бр.08-37/2 од 21.02.1997 година. Според членот 11 Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службениот гласник на Општина Радовиш”.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите. согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Според член 17 став 1 точка 29 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/ 1995), единиците на локалната самоуправа самостојно вршат таксативно наведени работи помеѓу кои спаѓа и основање на јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија во согласност со закон и вршат контрола над нивната работа, а за вршење на работи од локален карактер. Во член 29 став 1 точка 6 од Законот, определено е во надлежност на Советот на едницата на локална самоуправа помеѓу другото да спаѓа и основање на јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија во согласност со закон и вршење контрола над нивната работа.
Во членот 42 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/2001), опреде-лено е што се подразбира под поимите: уредување и планирање на градежното земјиште, а во став 3 од оваа одредба е определено општината односно градот Скопје да одлучат дали уредувањето на градежното земјиште ќе биде извршено целосно или делумно. Во член 43 став 2 од истиот Закон определено е уредувањето на градежното земјиште во рамките на подрачјето утврдено со Генералниот урбанистички план за населено место и детален урбанистички план да го вршат општините. При тоа уредувањето на градежното земјиште предвидено е да се врши врз основа на Програма, која ја донесува Советот на општината, во смисла на став 5 и 6 од истата одредба.
Според член 20 став 4 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/1996), за работите во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштитата на локалните патишта, општината, односно градот Скопје може да основа Фонд за локални патишта чија организација и надлежност се уредува со пропис на општината, односно градот Скопје. Во членот 125 став 2 од истиот закон, предвидено е правата, обврските, средствата, опремата, работниците, документацијата и другиот имот на општинските самоуправни интересни заедниви за патишта ги презема општината, односно градот Скопје.
Законот за локалната самоуправа објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002 од 29.01.2002 се уште не бил донесен во времето на донесување на оспорената Одлука.
Како надлежност на Советот на Општината Радовиш, според член 43 став 1 точка 30 од Статутот бр.08.104/1 од 13.05. 1996, предвидено е и основање на јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија.
Цитираните законски одредби и одредбата од Статутот на Општината Радовиш, претставуваат основ за донесување на сега оспорената Одлука за основање на Фонд за уредување на градежно земјиште и локални патишта во Општина Радовиш, како одредби што биле во важност во време на донесување на оспорениот акт. При тоа општиот основ за основање на Фонд се наоѓа во членовите 17 став 1 точка 29 и 29 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, каде е предвидено единиците на локалната самоупра-ва, односно Советот на општината помеѓу другото да може да основа и јавна служба, што по својата правна природа е предметниот Фонд. Специфичностите по однос на областите на градежно земиште и локални патишта, се определени во Законот за градежно земјиште, односно Законот за јавните патишта.
Според насловот на оспорената одлука, а и според одредбите што ги содржи, Судот утврди дека оваа одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, тука претставува поединечен основачки акт на Општината Радовиш, за кој Судот не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.26/2002
17 април 2002 год.
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов