У.бр.213/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 29 став 1 точка 3 и член 32-а во делот “како и на лице кое е осудено за кривично дело што го прават неподобен за професијата на ревизија” од Законот за ревизијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/97 и 27/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на членовите означени во точката 1 од Законот за ревизијата.

Според наводите од иницијативата оспорените одредби на членовите 29 став 1 точка 3 и член 32-а не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2 и член 54 од Уставот, затоа што правните последици од осудата мора да се утврдат со правосилна судска одлука, а не тоа да се прави по сила на Законот како во конкретниов случај.

4. Судот на седницата утврди дека во член 29 став 1 точка 3 од Законот е предвидено дека овластениот ревизор мора да ги исполнува, покрај другите услови, и да не е осудуван за кривични дела што го прават неподобен за професијата на ревизијата.

Во членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизијата е предвидено дека по член 32 се додава нов член 32-а (кој е оспорен со иницијативата) а кој гласи: Министерот за финансии го одзема уверението за овластен ревизор, како и нострифицираното звање на овластен ревизор, на лицето кое не ги почитува правилата утврдени со кодексот на етиката за професионални сметководители на Меѓународната федерација на сметководители, како и на лицето кое е осудено за кривично дело кој го прави неподобен за професијата на ревизија”.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Тргнувајќи од изнесеното при оценување на уставноста на оспорената одредба, како превенствен критериум на уставноста треба да се одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорените одредби по сила на законот а не како казна (забрана) што ја изрекува Судот во рамките на видовите на кривичните санкции без да се наведат кривични дела кои го прават лицето неподобно да врши ревизија и не му е изречена мерка забрана за вршење на дејност, лицето не може да заснова работен однос односно му се одзема уверението за овластен ревизор, Судот оцени дека ченовите 29 став 1 точка 3 и член 32-а од Законот не се во согласност со наведените уставни одредби.

6. Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.213/2001
17 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов