Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката за определување на царински контингенти при увоз на месо наменето за широка потрошувачка за 2002 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2002).
2. Иван Христов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука без постоење на општи критериуми се овозможувало увоз на месо само за одделни стопански субјекти со што се повредувала слободата на пазарот и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот и се создавале можности за корупција, што не било во согласност со член 55 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со точка 1 од Одлуката, во рамките на билансните потреби се определуваат царински контингенти за увоз на месо наменето за широка потрошувачка за 2002 година по тарифни ознаки во количини, конкретно утврдени во оваа точка.
Според точка 2 од Одлуката, правото на увоз на количините на месото од точката 1 на оваа одлука без плаќање на царина и посебна давачка – прелевман го остваруваат крајните корисници, а според точката 3 од Одлуката, министерот за економија со решение го одобрува увозот на количините на царинскиот контингент на место од точка 1 на оваа одлука по барање на крајните корисници.
Со точка 4 од Одлуката се уредува дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Оспорената одлука е донесена од Владата на Република Македонија на 29 јануари 2002 година, врз основа на член 24-а став 1 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98, 26/98, 63/98, 86/99, 25/00 и 109/00). Според став 1 на овој член од Законот, Владата на Република Македонија може во согласност со макроекономската политика на развојот во тековната година да определи царински контингент за увоз на определени стоки кои не се произведуваат во Република Македонија, или нивното производство е во обем кој не ги задоволува потребите, можат да се увезат без плаќање царина или со плаќање царина, по стапка која е пониска од стапката определена со Царинската тарифа. Според став 2 од овој член, врз основа на актот од став 1 на овој член, министерот за економија го одобрува увозот на стоки за кои е пропишан царински контингент, а според ставот 3 на овој член од Законот, стоките за кои е пропишан царински контингент без плаќање царина не се сметаат како ослободени од плаќање царина.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи предвид дека со оспорената одлука на конкретен, а не на општ начин се определуваат царински контингенти за увоз на месо наменето за широка потрошувачка за одредено време (за 2002 година) по тарифни ознаки со конкретно утврдена количина, за кое Владата имала законско овластување, според мислењето на Судот, таквиот акт не ги содржи елементите на пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и не е подобен за уставно судско оценување, поради што иницијативата ја отфрли.
Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одлука создавала можност од појава на корупција, таквите приговори можеби и постојат, но нивното отстранување е во рамките на овластувњата на надлежните органи, но не и во надлежност на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.28/2002
17 април 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов