У.бр.120/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 17 април 2002 година донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за определување потписници на жиро сметката на Фондот за локални патишта, улици и уредување на градежно земјиште за општина Демир Капија бр.07-49/18 од 6.03.2001 година (“Службен гласник на општина Демир Капија” бр.1/2001),

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Трајче Димитриев, градоначалник на општина Демир Капија и Владата на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука од причина што истите не биле во согласност со Законот за локалната самоуправа (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.52/95).

Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука не била во согласност со членот 43 став 1 точките 3, 4 и 8 од Законот. Според подносителите на иницијативата, со оглед на тоа што со одлуката се определувале тројца потписници на жиро сметката на Фондот, а потпишувањето да се врши со два потписа истовремено, се вршело одземање, односно ограничување на извршната власт на градоначалникот.

4. Судот на седницата утврди дека во Одлуката определени се три лица (градоначалникот на општината, претседавачот на Советот и претседателот на Управниот одбор), при што во точката 2 стои дека потпишувањето на жиро сметката ќе се врши со два потписи. Во точката 3 е означено дека одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Демир Капија”.

5. Со донесувањето на Законот за локалната самоуправа (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.5/2002) престана да важи Законот за локалната самоуправа од 1995 година. Сепак, одредбите на кои се повикуваат подносителите на иницијативите, а кои ги уредуваат надлежностите на градоначалникот на општината се поместени и во рамките на новиот Закон за локалната самоуправа од 2002 година.

Согласно член 50 точка 4 и 5 од Законот од 2002 година, градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на советот и го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината.

Меѓутоа, со одлуката за определување потписници на жиро сметката за функцијата на Фондот се предвидува колективно потпишување од три физички лица, при што потпишувањето ќе се врши со два потписа. Иако со Одлуката е определен Градоначалникот на Општината, како еден од тројцата овластени потписници, сепак постои можност жиро сметката на Фондот да биде потпишана (и како таква полноважна) од преостанатите двајца овластени потписници (претседавачот на Советот и претседателот на УО на Фондот), со што би се вршело одземање, односно ограничување на извршната власт на подносителот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оспорената одлука на Советот на Општина Демир Капија е сторена повреда на одредбата од членот 50 став 1 точка 4 од Законот, од причини што истата остава можност извршната власт и функција на Градоначалникот во извршувањето и спроведување на одлуките на Советот да биде дезавуирана.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов, и судиите Бахри Иссљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.54/2001; У.бр.120/2001
17 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов