35/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 2 во делот

2. Душан Петровиќ од Белград, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 11 став 2 во делот: “на денот на влегувањето во сила на овој закон” и член 47 став 3 точка 2 во делот: “стекнато до денот на влегување во сила на овој закон” од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените делови на одредбите од Законот, правото да поднесе барање за денационализација, а со тоа и да го поврати имотот се ограничувало само на лицата што се државјани на Република Македонија “на денот на влегувањето во сила на овој закон”, односно дека тоа право го имаат само граѓаните што станале државјани на Република Македонија до денот на влегување во сила на Законот, а не сите граѓани, без оглед на датата кога станале државјани на Република Македонија, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, 6 и 11, член 9 став 2 и член 30 став 1 и 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 од Законот, право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници, според прописите за наследување (барател), а според ставот 2 на овој член од Законот, барател во смисла на ставот 1 на овој член е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија.

Согласно член 47 став 1 од Законот, барањето од член 45 на овој закон се поднесува на образец што го пропишува министерот за финансии, а според ставот 3 точка 2 од овој член на Законот, кон барањето од ставот 1 на овој член се поднесува доказ за државјанство на Република Македонија стекнато до денот на влегување во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1, 6 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според ставот 3 на овој член од Уставот, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање надомест за имот одземен во корист на државата.

Правата на барателот за денационализација и неговото место и улога во постапката за денационализација се конкретно утврдени со одредбите на Законот за денационализација, а особено со членовите 5, 11, 11-а, 45 до 63 од Законот и член 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација.

Во конкретниот случај не е спорно дека барател на денационализација може да биде лице кое е државјанин на Република Македонија, меѓутоа спорно е дали тоа лице за да може да ги остварува правата што произлегуваат од Законот за денационализација, државјанството требало да го стекне на денот односно до денот на влегувањето во сила на законот (7 мај 1998 година).

Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека со донесувањето на Законот за денационализација, државата всушност ја исполни својата уставна обврска за признавање на правото на сопственост на поранешните сопственици и дека предмет на денационализација е имотот (кој се враќа, односно за кој се дава надомест) одземен по 2 август 1944 година, врз основите утврдени со член 1-а од Законот. Притоа, јасно е определено дека барател за денационализација може да биде поранешниот сопственик односно лицата кои се негови наследници според прописите за наследување и дека тоа лице треба да е државјанин на Република Македонија. Определбата на законодавецот, таквото лице државјанството да го стекнало на денот, односно до денот на влегување во сила на овој закон е негово право и со него не се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и еднаквата положба на граѓаните пред Уставот и законите, ниту се ограничува правото на сопственост и наследување. Таквата определба на законодавецот под еднакви услови се однесува на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба. Покрај тоа, смислата на оспорената одредба има и процедурален карактер и има за цел да го уреди прашањето кој може да биде барател во покренување на постапката за денационализација, а не да го востановува или исклучува правото на сопственост и правото на наследување кое се остварува според прописите за наследување, па според тоа и правото на денационализација кое се остварува во постапката за денационализација.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, со одредбите на член 11 став 2 и член 47 став 3 точка 2 во оспорените делови од Законот за денационализација не се повредуваат одредбите на Уставот, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.35/2002
10 април 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов