У.бр.233/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 април 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 48 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на РМ” бр.19/95 и 55/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.233/2001 од 6 февруари 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на сега укинатиот член 48 став 1 точка 1 од Законот за внатрешни работи, работен однос во Министерството за внатрешни работи може да заснова лице кое покрај општите услови ги исполнува и следните посебни услови:

“1) да не е осудувано за кривично дело против уставното уредување и безбедноста на Република Македонија, против стопанство, слободите и правата на човекот и граѓанинот, вооружените сили на Република Македонија, службената должност, тешки дела против животот и телото, имотот или кривично дело извршено од користољубие и нечесни побуди;” *

2) Според содржината на оспорениот член 48 став 1 точка 2 од Законот за внатрешни работи, “против него да не се води кривична постапка за кривично дело од став 1 точка 1 на овој член”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Во членот 48 став 1 од Законот, е определено дека работен однос во Министерството за внатрешни работи може да заснова лице кое покрај општите услови ги исполнува и посебните услови подробно опишани во четири последователни точки.

Посебниот услов од точката 1, до укинувањето на истата со Одлуката У.бр.212/2000 од 23.05.2001 година на Уставниот суд на Република Македонија, содржеше поконкретен опис според групите на кривични дела застапени во Кривичниот законик за кои можниот кандидат за вработување не треба да биде осудуван. На содржината од сега укинатата точка 1 се заснова и содржината на оспорената точка 2 од членот 48 став 1 од Законот, со таа разлика што овде се работи за поведена постапка спрема можниот кандидат. Според тоа точно е тврдењето од иницијативата дека по интервенцијата на овој суд и отстранувањето од правниот поредок на точката 1 сега оспорената точка 2 нема своја функција.

Имено, формулацијата “кривично дело” од став 1 точка 1 од член 48 од Законот, каква што е сега содржината на оспорената одредба без конкретизирање на кривичните дела, остава можност за правна несигурност за лицата заинтересирани да стапат во работен однос во Министерството за внатрешни работи и претставува повреда на уставна темелна вредност за владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а воедно оспорената одредба и нема своја функција без конкретно посочување на видовите кривични дела за кои не треба да се води постапка.

Меѓутоа, од суштинско значење во овој случај е повредата на уставното начело за презумпција на невиноста од членот 13 став 1 од Уставот. Тргнувајќи од посебниот услов за засновање на работен однос во Министерството за внатрешни работи, содржан во оспорената одредба, според која спрема кандидатот за вработување не треба да се води кривична постапка за кривични дела, произлегува дека, со ваквата законска формулација, во случај да спрема кандидатот се води кривична постапка, истиот би се сметал за виновен пред да неговата вина биде утврдена со правосилна судска одлука. Од изнесеното Судот оцени дека оспорената одредба е во несогласност и со начелото за презумпција на невиноста од членот 13 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.233/2001
10 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов