Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 март 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:
а) Одлуката за измени и дополнување на Статутот на Здружението на пензионерите “Гази Баба” Скопје, донесена на 28 април 2000 година (член 2 став 1 алинеја 1; член 5 став 1 алинеја 1; член 6 став 1 алинеја 1; член 12 став 2; член 13, 14, 15, 16 став 1 и 2; член 17 став 1 и член 19).
б) Статутот на Здружението на пензионерите “Гази Баба” донесен на 28 април 2000 година заведен под бр.101 на 28 април 2001 година (член 11 став 7; член 18 став 1 алинеја 2; член 23 став 1 и 2; член 35 став 4 алинеја 1 и 3; член 41 став 1 и 2; поднасловот “огранок”; член 42 став 1; член 43 став 1 и 2 и член 44 став 1).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Статутот на Здружението на пензионерите на “Гази Баба” Скопје донесен на 28 мај 2000 година, заведен под бр.101 на 28 мај 2001 година.
3. Милан Величковски и Стојмен Младеновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што тие биле донесени од Статутарната комисија, а не од Собранието на здружението, како надлежен орган; што во уводниот дел на Одлуката за измени и дополнување на Статутот и на Статутот на Здружението датумот на донессувањето е преправен; што измените на Статутот не биле доставени до регистарскиот суд и што со наведените членови од Одлуката за измени и дополнувања на Статутот и Статутот на здружението на пензионерите се повредуваат основните уставни начела според кои пензионерите на општи, еднакви, слободни и демократски избори можат да вршат јавни функции во органите на здруженијата.
Со иницијативата на Стојан Младеновски се бара Судот да изрече времена мерка.
4. Судот на седницата утврди дека на 28 април 2000 година е одржана седница на Собранието на Здружението на пензионери “Гази Баба” Скопје на која е донесена Одлука за измена и дополнување на Статутот на Здружението на пензионерите донесена на 24 декември 1998 година.
Во член 22 од Одлуката било предвидено дека Комисијата за статутарни и правни прашања требало да изготви пречистен текст на Статутот на Здружението. Меѓутоа, наместо Комисијата за статутарни прашања да изготви пречистен текст собранието на Здружението на пензионери на 28 април 2000 година донело Статут на здружението во кој биле внесени и измените извршени со Одлуката за измени и дополнувања на Статутот на Здружението на пензионерите, која Одлука била доставена до регистарскиот суд.
Во членот 5 став 1 алинеја 1 од Одлуката, односно член 18 став 1 алинеја 1 и 2 од Статутот е предвидено дека “да ги има предвид предлозите и мислењата на огранокот кои се избрани во колку не се во спротивност со статутот и другите општи акти на здружението и да го запознаваат огранокот со работата на собранието и неговите органи”.
Во членот 6 став 1 алинеја 1 од одлуката е предвидено дека “Собранието на здружението може да го отповика целиот извршен одбор или некој негов член ако утврди дека неговата работа и активност се во спротивност на целите, интересите и задачите на здружението утврдени со закон, овој статут и други општи акти и ако покажува неактивност на извршниот одбор во работата.
Доколку на член на извршниот одбор му е изречено мерка отповикување поради направени повреди на статутарните одредби, на други општи акти, нанел и материјална штета, пријавил сомоволие и непочитување на одлуките и заклучоците на Собранието и извршниот одбор, тој не може повторно да биде избран за член на собранието, извршниот одбор и нивните тела.
Во член 12 став 2 од Одлуката односно член 35 став 4 алиеја 1 и 3 од Статутот е предвидено дека после алинејата 4 се додава нова алинеја која гласи “дава стручни и правни мислења на актите што ги донесува здружението”.
Во член 13 од Одлуката, односно член 41 став 1 и 2 од Статутот е предвидено дека членот 40 се менува и гласи “Огранокот на здружението има одбор на огранокот. Огранокот го сочинуваат членовите на здружението што живеат на подрачјето на огранокот”.
Во членот 14 од Одлуката, односно по членот 41 од Статутот е предвидено дека поднасловот “Собир на огранокот” се менува и гласи “Огранок”.
Во членот 15 од Одлуката, односно член 42 став 1 од Статутот е предвидено дека во членот 41 зборот “собирот” се брише.
Во членот 16 став 1 и 2 од Одлуката, односно член 43 став 1 и 2 од Статутот е предвидено дека членот 42 се менува и гласи “Огранокот на предлог на Собранието на здружението може да отповика член на собранието што го избрал ако Собранието утврди дека неговата работа и активност е во спротивност со целите, задачите и интересите на здружението утврдени со овој статут и ако сторил повреда на други општи акти на здружението. Ако огранокот не го отповика членот и покрај препораката на Собранието, тоа може да го стори собранието на здружението со одземање на мандатот.
Огранокот може да го отповика одборот на огранокот или негов член, ако утврди дека неговата работа и активност е во спротивност со целите и задачите на здружението утврдени со овој статут и другите општи акти на здружението.
Во членот 17 од Одлуката, односно член 44 став 1 од Статутот е предвидено дека во членот 43 став 1 зборот “собирот на” се брише другите зборови продолжуваат заклучно со зборот “кој раководи”. Зборот “на собирот” се заменува со “седница”.
Во членот 19 од Одлуката е предвидено дека членот 55 став 2 се брише.
Имајќи ја предвид изнесената фактична состојба Судот утврди дека во правниот промет егзистира Статутот на Здружението на пензионерите донесен од Собранието на Здружението на 28 април 2000 година во кој се внесени извршените измени на Статутот од 1998 година и дека со Статутот донесен на 28 април 2000 година престанал да важи Статутот на Здружението донесен 1998 година.
5. Според член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, покрај другото, одлучува за оценување уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓани.
Според член 22 од Уставот секој граѓани со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.
Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.
Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.
Општото избирачко право се изразува во правото на секој граѓанин што наполнил 18 години да избира и да биде избран во соодветно претставничко тело.
Еднаквоста на избирачкото право значи дека гласот на секој граѓанин има еднаква вредност и секој избирач има само еден глас на истите избори.
Непосредното избирачко право подразбира дека избирачите непосредно односно лично ги избираат своите претставници во претставничките тела.
Остварувајќи го низ изборниот систем своето избирачко право граѓаните истовремено учествуваат во утврдувањето на политичката основа на системот на власта и му ја даваат онаа политичка поддршка без која системот на власта не би можел да функционира.
На изборите, избирачите со своето гласање го овластуваат односно му даваат мандат на избраниот претставник да ги застапува во претставничкото тело.
Имајќи го предвид наведеното Уставот го утврдил мандатот само на носители на одредени функции на државната власт а не и мандатот на органите и телата на здруженијата на граѓаните.
Прашањето на траењето на мандатот препуштил да биде уредено со закон и со акт на здружението.
Со Законот за здруженијата на граѓани и фондации се утврдени условите и постапката за основање, регистрација, работење и престанок на здруженијата на граѓани. Според овој закон, здруженијата на граѓани своите права, должности и одговорности ги остваруваат согласно со Уставот, закон и статутот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорените одредби од Одлуката за измени и дополнувања на Статутот односно Статутот на Здружението на пензионери се уредени прашања кои се однесуваат на отповикување и одбивање на верификација на мандатот на избран член на орган или тело на здружението Судот смета дека не се нарушува избирачкото право на граѓаните, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од Одлуката за измени и дополнувања на Статутот и од Статутот со Уставот.
6. Во однос на оспорениот Статут на Здружението на пензионери од 28 мај 2000 година Судот утврди дека статут со наведената дата не постои односно не е донесен.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако простојат процесни пречки за постапување по иницијативата.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај нема донесено акт подобен за уставно судска оценка односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. По однос на барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основ ана оспорениот акт, Судот смета дека со оглед на тоа што нема основи за поведување постапка за оценување на нивната уставност, нема основи за изрекување на времена мерка.
8. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.224/2001
27 март 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов