У.бр.201/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март и 17 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:

– член 62 став 3 точка 3 од Законот за банките (“Службен весник на РМ” бр. 63/2000 103/2001 и 70/2001) и

– Глава II. А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката за потребната документација за издавање на согласноста и доставување на известување според одредбите на Законот за банките, донесена од Советот на Народна банка на Република Македонија на 21 декември 2000 година(“Службен весник на РМ” бр. 111/2000).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување:

– уставноста на член 62 став 2 точките 2 и 3 од законот означен во точката 1 од ова решение и

– уставноста и законитоста на Глава II.А. точка 2 став 1 подточка г) и на став 4 од одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Д-р Мирољуб Шукаров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 62 став 2 точките 2 и 3 и на став 3 од Законот за банките, како и на Глава II.А. точка 2 став 1 подточка г) и на став 4 од одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето (во член 62 став 2 точките 2 и 3 од Законот) услови – “успешно работно искуство” и “познавање на прописите сврзани со банкарството” за избор на директор на деловна банка, како и предвидувањето (во Глава II.А. точка 2 став 4 од Одлуката) можност Народната банка да одржува интервју со кандидатот за директор заради оценување на познавањето на банкарските прописи, отворало можности за различно толкување на тие услови, давало дискрециони права на применувачот на тие одредби и создавало можности за различна позиција на кандидатите, со што не се обезбедувало начелото – владеење на правото, поради што наведените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Покрај тоа, означената одредба од Одлуката била и незаконита бидејќи со неа Народната банка си доделила овластувања кои не и припаѓаат според Законот за Народна банка (да оценува едуцираност и знаење), па одредбата излегла вон законските рамки.

Во однос на член 62 став 3 точка 3 од Законот и Глава II.А. точка 2 став 1 подточка г) од Одлуката, во иницијативата се наведува дека предвидувањето услов – “неосудуваност” при избор на директор на деловна банка, како и обврската за поднесување заверена изјава од кандидатот дека бил или не бил директор на “успешна” или “неуспешна” фирма, значело овозможување два пати казнување за исто дело, попречување во остварувањето на правото на слободен избор на вработувањето и на достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови, поради што во крајна линија оспорените одредби не биле во согласност со уставното начело за владеење на правото.

4.1. Судот на седницата утврди дека, според член 62 став 3 точка 3 од Законот за банките, “работоводен орган на банката не може да биде лице кое е … осудувано за кривично дело против имотот и од областа на финансиското работење”.

Покрај тоа, Судот, по сопствена иницијатива, на седницата утврди дека, според Глава II.А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката, “за добивање согласност за именување на работоводен орган на банка, кон барањето се доставува … потврда од надлежниот суд дека против предложениот кандидат за работоводен орган нема обвинителен акт кој влегол во правна сила и дека не е донесена неправосилна осудителна пресуда”.

4.2. Според член 13 став 1 од Уставот, “лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука”.

Согласно член 14 од Уставот, “никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука” (став 2).

Од означените уставни одредби, а во врска со оспорените одредби од Законот и Одлуката, произлегува дека пред донесувањето на правосилна судска одлука (со која треба да се утврди дали постои или не постои вина за некое дело на граѓанин), граѓанинот не може да трпи штетна последица – член 13 став 1 од Уставот. Освен тоа, после донесувањето на осудителната правосилна судска одлука, граѓанинот не може да трпи штетни последици надвор од оние определени со судската одлука – член 14 став 2 од Уставот. Со други зборови, граѓаните можат да трпат штетни последици од своето однесување само врз основа на вина, која е утврдена од суд врз законска основа и во законска постапка, како и во обем определен од судот во законските рамки, а не пред, после и надвор од судски определениот обем на казна и безбедносна марка. На тој начин се обезбедува слободите и правата на човекот и граѓанинот да бидат ограничени само во случаите утврдени со Уставот (член 54 став 1 од Уставот), како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2 од Уставот), а не се загрозуваат, на пример, правото на слободен избор на вработувањето (член 32 став 1 од Уставот), достапност на секое работно место на секого под еднакви услови (член 32 став 2 од Уставот) и други слободи и права на човекот и граѓанинот.

Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба се предвидува услов – “работоводен орган на банка да не може да биде лице кое е … осудувано …” односно граѓанинот да трпи и други штетни последици надвор од оние определени со осудителната правосилна судска одлука, како и што со наведената одредба од Одлуката се предвидува “потврда … дека против предложениот кандидат за работоводен орган нема обвинителен акт … и дека не е донесена неправосилна осудителна пресуда” односно граѓанинот да трпи штетни последици пред да се утврди неговата вина со правосилна судска одлука, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 62 став 3 точка 3 од Законот и на Глава II.А. точка 2 став 1 подточка д) од Одлуката со наведените уставни одредби.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.1. Судот на седницата утврди дека, според член 62 став 2 точките 2 и 3 од Законот за банките, кандидатот за работоводен орган на банката мора да поседува “најмалку пет години успешно работно искуство …” (точка 2) и “познавање на прописите сврзани со банкарството” (точка 3).

Судот, исто така, утврди дека со Глава II.А. точка 2 став 1 подточка г) од Одлуката се предвидува обврска, при доставувањето на барањето за добивање согласност за именување на работоводен орган на банка, да се достави и изјава на предложениот кандидат, заверена кај нотар, за тоа дали тој бил или не бил одговорно лице во “успешна” или “неуспешна” фирма и дали е одговорно лице на некое трговско друштво или друго правно лице. Покрај тоа, Судот утврди дека со Глава II.А. точка 2 став 4 од Одлуката се предвидува можност Народната банка да одржи интервју со кандидатот за директор на деловна банка со цел да го оцени неговиот интегритет, познавањето на банкарското работење и прописи, неговите менаџерски и организациони способности и начинот на спроведувањето на деловната и развојната политика на банката.

5.2. Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Имајќи предвид дека под остварувањето на правата на вработените и нивната положба се подразбира и засновањето на работниот однос и, во тие рамки, условите за тоа, произлегува дека определувањето во Законот за банките – “успешно работно искуство” и “познавање на прописите сврзани со банкарството” за кандидатот за директор на деловна банка има основа во наведената уставна одредба.

Оспорените одредби од Одлуката, пак, посветени на доставување заверена изјава од кандидатот за директор за искуството во “успешните” или “неуспешните” фирми, како и усменото интервју на Народната банка со кандидатот за директор на деловна банка, заради определени оценки, имаат основа во член 25 став 2 од Законот за банките и се објективна операционализација на условите од Законот, а со тоа тие се во функција на остварувањето на уставното начело – владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот).

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во однос на член 62 став 3 точка 3 од Законот едногласно, а во однос на останатите одредби од Законот и Одлуката со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.201/2001
20 март и 17 април 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов