У.бр.98/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на општина Кочани за 2001 година бр. 07-275, донесена на 26.12.2000 година од Советот на општина Кочани (“Службен гласник на општина Кочани” бр. 4/2000).

2. Коце Стојменов од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што истиот не бил во согласност со членот 42 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Социјалистичка Република Македонија” бр. 10/79; 18/89; 21/91; и “Службен весник на Република Македонија” бр. 71/96 18/99). Имено, според подносителот на иницијативата, со Програмата се бришел терминот “доградба и надградба утврден во овој член од Законот, со што, при пресметувањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште, не била утврдена висината на надемостокот во случаите кога се работи за доградба и надградба на постојни објекти. Исто така, Програмата се оспорува и од аспект на пресметувањето на надоместокот каде како критериум се зема средниот курс на германската марка во приватните менувачници.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Програма уредува неколку прашања: локалитети на кои ќе се доделува градежно земјиште, градежни парцели и обем на уредување, висина на надоместокот, начин на пресметување на нето корисна површина, извршување на неизвршените активности и актиности кои треба да се преземат.

Во делот што се однесува на висината на надоместокот, утврдена е висината на надоместокот во зависност од населбата, локацијата и градежната парцела. Програмата предвидува и извесно процентуално намалување, односно зголемување на надоместокот за уредување на градежното земјиште во зависност од карактерот на објектот и локацијата. Понатаму, во Програмата се утврдени просечни цени за поединечни барања на надоместокот зависно од зоната и степенот на уреденост на земјиштето. При тоа, оваа цена зависи и од карактерот на објектот за кој станува збор (станбен и деловен простор, индустриски и административни објекти, социјални станови и сл.).

Во Програмата е утврдено дека висината на надоместокот ќе се пресметува спрема противвредноста на германската марка со среден курс во приватните менувачници што важи на денот кога се плаќа.

Исто така, Судот утврди дека на 4 март 2002 година, Советот на Општина Кочани има донесено нова Програма за уредување на градежното земјиште на подрачето на Општина Кочани за 2002 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлуување по иницијативата.

Имајќи предвид дека оспорената Програма е од темпорален карактер, односно дека има временски ограничена важност и дека е донесена Програма за уредување на градежно земјиште на подрачето на Општина Кочани за 2002 година, според мислењето на Судот, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената Програма не е повеќе во правниот поредок и како таква не може да биде предмет на уставно-судска контрола, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.98/2001
20 март 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов