13/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 15 алинеја 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 15 алинеја 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што според подносителот на иницијативата, планирањето, организацијата, опремувањето и подготвувањето на Армијата на Република Македонија биле работи во надлежност на претседателот на Република Македонија како врховен командант на вооружените сили на Македонија, а не на Министерството за одбрана, како орган на државната управа. Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 79 став 2 и член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 15 алинеја 2 од Законот, Министерството за одбрана ги врши работите што се однесуваат на планирањето, организацијата, опремувањето, развојот и подготвувањето на Армијата на Република Македонија и спроведувањето на утврдените планови.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 79 став 2 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Со член 96 од Уставот се уредува дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговори на Владата.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа. Така, со член 13 од Законот се определени работите од надлежност на органите на државната управа, а според член 15 од Законот, Министерството за одбрана ги врши работите што се однесуваат на:

– остварувањето на системот на одбраната на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија;
– планирањето, организацијата, опремувањето, развојот и подготвувањето на Армијата на Република Македонија и спроведувањето на утврдените планови;
– организирањето и подготвувањето за одбрана и за цивилна заштите;
– организирањето и спроведување на обуката за одбрана;
– организирањето и подготвувањето на набљудување и известување, врски за раководење и крипто-заштитата;
– надзорот од негова надлежност и
– врши други работи утврдени со закон.

Со Законот за одбрана се утврдени надлежностите на органите на државната власт во областа на одбраната, во која смисла и на претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата и Министерството за одбрана. Притоа, кокретно се наведени ингеренциите на овие органи што се однесуваат на планирањето, организацијата, опремувањето, развојот и подготвувањето на Армијата и спроведувањето на утврдените планови.

Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека надлежностите на оргнаите на државната власт во одбраната на Република Македонија се конкретно утврдени и се во зависност од местото и улогата на секој одделен орган во системот на организацијата на државната власт утврден во Уставот. Во таа смисла, вршењето на работите од страна на Министерството за одбрана што се однесуваат на планирањето, организацијата, опремувањето, развојот и подготвувањето на Армијата на Република Македонија и спроведувањето на утврдените планови, се работи што тој орган ги врши како орган на државната управа и со таквите управни ингеренции не се навлегува во уставните и законските ингеренции што ги имаат другите органи на државната власт, во конкретниот случај на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Македонија. Се разбира вршењето на управните работи во областа на одбраната, и на оперативните и стручни работи за организирање, подготвување и командување со Армијата што ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата, не значи навлегување или огрнаичување на уставните и законски надлежности на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата во остварувањето на одбраната, ниту пак паралелно постоење на управен орган што би ги вршел работите од областа на управата во остварувањето на функциите на овој орган.

Поаѓајќи од фактот дека одбраната на Република Македонија организирана како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија и дека во рамките на тој систем секој од овие субјекти има конкренто утврдени права и должности односно надлежности, според мислењето на Судот, со оспорената одредба со која се утврдуваат надлежностите на Минситерството за одбрана како орган на државната управа да ги врши работите што се однесуваат на планирањето, организацијата, опремувањето, развојот и подготвувањето на Армијата, се работи што тој орган ги врши во обем и во функција на орган на управа и тоа не значи одземање или ограничување на надлежностите на другите органи кои согласно Уставот и законите им се ставени во нивна надлежност. Според тоа, со оспорената одредба не се повредува уставниот принцип за поделбата на власта, ниту пак, се навлегува во надлежностите на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба на член 15 алинеја 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.13/2002
13 март 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов