Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 март 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 51 став 2 и 3 од Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.20/98, 31/2000 и 43/2000).
2. Васил Велковски, Асен Групче и АД “Треска Мебел” од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување уставноста на член 51 став 2 и 3 од Законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со Уставот.
Во иницијативата поднесена од Васил Велковски се наведува дека со Законот за денационализација од 1998 година во член 51 став 3 било предвидено дека примерок од решението за денационализација се доставува до барателот, јавниот правобранител и на корисникот на имотот.
Со Законот за измена и дополнување на Законот за денационализација со член 32 се врши измена на член 51 став 3 со тоа што зборовите “и корисникот на имотот” се бришат. Со извршената измена корисникот на имотот од кој најчесто треба да се одземе национализираниот имот и да се врати на барателот не учествува во постапката па дури тој и не знае кој имот и во кој обем се одзема.
Според тоа корисникот на имотот од кој треба да се одземе имотот нема можност да поднесе жалба ниту да поведе управен спор.
Во иницијативата на Асен Групче се наведува дека според член 13 од Законот за денационализација во постапката која се води во примената на овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка до колку со овој закон поинаку не е определено. Во член 49 од Законот за општата управна постапка кој ги одредува странките во управната постапка изрично стои: Странка е лице по чие барање е поведена постапка или против кое се води постапка или заради заштита на своите права и интереси има право да учествува во постапката.
Меѓутоа од необјасниви причини член 51 став 2 и 3 од Законот за денационализација отстапил од основниот став предвиден во член 13 од Законот, односно од општите правила на општата управна постапка и предвидел дека решението по барање за враќање на имотот ќе се донесе без расправа и сослушување на сведоци и дека примерок од решението се доставува само на барателот и на јавниот правобранител. Поради тоа вмешувачите се потполно исклучени од постапката и не можат ни непосредно преку комисија ниту со жалба против провстепеното решение да ги штитат своите права и интереси со што се повредува принципот на еднаквост и принципот на владеење на правото.
Во иницијативата на АД “Треска Мебел” се наведува дека со оспорената одредба им е ускратено уставното право на заштита на своите права и интереси пред надлежниот државен и судски орган утврден во член 50 и 51 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 13 од Законот за денационализација во постапката за денационализација се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.
Според член 51 став 1 од Законот за денационализација (односно член 53 став 1 од пречистениот текст на Законот), решението за денационализација органот за денационализација е должен да го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на поднесување на барањето, а во посложени случаи и по истекот на овој рок, но најдоцна шест месеци по решавањето на претходното прашање, ако со овој закон поинаку не е определено.
Според оспорениот став 2 на овој член, решението од став 1 на овој член се донесува без одржување на расправа и сослушување на сведоци, а според оспорениот ставот 3 од овој член на Законот, примерок од решението за денационализација се доставува на барателот и јавниот правобранител.
Во член 61 од Законот е предвидено дека во постапката за денационализација не се применуваат одредбите за враќање во поранешна состојба и за обнова на постапката.
Според став 2 на член 61 од Законот, заинтересираните лица можат своите права спрема лицата на кои им е вратен имотот или платен надомест според одредбите од овој закон да ги остваруваат со тужба пред надлежниот суд во рок од пет години по правислноста на решението за денационализација.
4. Од содржината на наведените законски одредби произлегува дека во постапката за денационализација ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка со одредени исклучоци што ги определил самиот закон. Имено, Законот како странки во постапката за денационализација ги утврдил само барателот на имотот (поранешниот сопственик односно неговите наследници) и јавниот правобранител кој ги застапува интересите на државата, а не и вмешувачите како заинтересирани лица. Во оваа постапка не се применуваат одредбите за враќање во поранешна состојба и обнова на постапката, а решението за денационализација се донесува без одржување на расправа и сослушување на сведоци, и тоа се доставува само до странките кои се определени со Законот.
5. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното, социјалното потекло, политичкото и верското уверување и политичката и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Имајќи ја предвид наведената уставна одредба од член 9 произлегува дека при уредување на одредени односи Уставот го обврзува законодавецот тие односи да важат за сите граѓани под еднакви услови што се наоѓаат во таква положба.
Според тоа во конкретниов случај Судот смета дека поранешниот сопственик и корисник на имот не се наоѓаат во еднаква правна положба односно тие не можат да бидат подведени под еднаков режим при уредувањето на прашањето за денационализација.
Според член 30 од Уставот се гарантира право на сопственост и право на наследување.
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата.
Никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, при што таа не може да биде одземена или ограничена, освен кога се работи за јавен интерес, утврден со закон. За разлика од ова право гарантирано со Уставот правото на користење на туѓа сопственост, е изведено право од станарското право кое не е уставна категорија и за него не е предвидена заштита како за сопственост.
6. Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби оспорените одредби од Законот за денационализација и целината на Законот за денационализација произлегува дека во постапката за денационализација која е посебна постапка се отстапува од одредени општи начела кои се однесуваат на сослушување на сведоци, враќање во поранешна состојба, обнова на постапката како и утврдување на странки во постапката. Имено, како странки во постапката за денационализација на кои им се доставува решението за денационализација се утврдени барателот на денационализацијата и јавниот правобранител а поранешниот корисник не е предвиден како странка во постапката и не му се доставува решение за денационализација.
Според тоа Судот смета дека интенцијата на законодавецот е во скратена постапка да се воспостави и заштити сопственоста која била одземена од државата а не и да го заштити корисникот на имотот.
Корисникот на имотот своите права и интереси може да ги остварува според други одредби од Законот за денационализација, односно Судот смета дека со оспорените одредби не се навлегува во правото на поранешниот корисник како вмешувач согласно член 13 и 61 од Законот за денационализација заради заштита на своите права и интереси да се вклучи во постапката.
7. Со оглед на тоа што во конкретниот случај законодавецот со оспорените одредби како странки во постапката за денационализација на кои им се доставува решението за денационализација ги утврдил само поранешниот сопственик и јавниот правобранител а не и корисникот на имотот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
Корисникот на имотот како заинтересирано лице согласно членот 13 од Законот може и во оваа посебна управна постапка да го заштити својот интерес во соодветна постапка пред надлежните органи определени со закон.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.166/2001
13 март 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов