У.бр.237/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 5 став 2 алинеја 3 од Правилникот за формирање на испитна комисија и начинот за полагање на испит за стекнување звање стечаен управник (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2001).

2. Оваа одлука произведува произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.237/2001 од 9 јануари 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Кривичниот законик.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 5 став 2 од Правилникот, со пријавата за полагање на испит за стекнување звање стечаен управник, меѓу другото, се бара да се приложи и уверение за неосудуваност.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1, пак, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 106 став 5 од Кривичниот законик е предвидено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Според став 6 на овој член на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

Од содржината на одредбата 13 и 14 од Уставот на Република Македонија произлегува дека со нив се утврдени два принципа на казнено правниот однос, а тоа се прво дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука. Според тоа казнено правниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна и дека натамошните последици од извршеното дело односно осуда на сторителот не се допуштени.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека во конкретниов случај со оспорената одредба од Правилникот се врши ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда, или како последица на водење на истрага.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.237/2001
6 март 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов