У.бр.230/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 36 точка 4 од Законот за угостителската и туристичката дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.23/95 и 33/00).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.230/2001 од 26 декември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 36 точка 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите на уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 36 од Законот, туристичкиот водич мора да ги исполнува следниве услови:

1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да има живеалиште на територијата на Република Македонија;
3) да не му е забрането вршење на дејноста на туристички водич со правосилна судска пресуда или со решение за прекршок и
4) да не е осудуван за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет опојни дроги, посредување во вршење на проституција и производство и растурање на порнографски списи.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Со член 32 став 1 од Уставот се уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привременена невработеност, а според став 2 на овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 од овој член на Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 36 точка 4 од Законот, според која осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши дејност на туристички водич, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа. Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Покрај тоа, со оспорената одредба се определуваат кривични дела кои во постојниот кривичен законик ги нема, односно попримиле друга содржина и форма, така што одредбата е практично неприменлива по тој основ.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 36 точка 4 од Законот не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.230/2001
6 март 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов