Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 20 став 2 точка 3 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/97 и 53/00).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.235/2001 од 9 јануари 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 20 став 2 точка 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите на Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба за стечаен управник може да биде именувано физичко лице под услов да не е осудувано за кривични дела што го прават неподобен за стечаен управник.
5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдени со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Согласно член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Со член 32 став 1 од Уставот се уредува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привременена невработеност, а според став 2 на овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 од овој член на Уставот, судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 20 став 2 точка 3 од Законот, според која осудуваноста на граѓанинот за одделни кривични дела е ограничувачки фактор лицето да врши функција на стечаен управник, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според мислењето на Судот, со таквото ограничување се повредува уставниот принцип на претпоставена невиност и принципот на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција. Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на законот, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Покрај тоа, во оспорената одредба се повикува на кривични дела што осудуваниот го правеле неподоебен за стечаен управник, кои во постојниот кривичен законик ги нема, односно попримиле друга содржина и форма, така што одредбата е практично неприменлива по тој основ.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 20 став 2 точка 3 од Законот не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.235/2001
6 март 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов