Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 и 28 февруари 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за оспособување и усовршување на воени старешини подофицери бр.02-3291/1 донесен од министерот за одбрана на 11 септември 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.115/2001 од 26 декември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 52 од уставот.
4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Правилник е донесен врз основа на член 160 од Законот за органите на управата, а во врска со член 27 став 1 точка 3 од Законот за одбрана.
Со Правилникот се уредува стручното оспособување и усовршување за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата на Република Македонија и тоа: прием на кандидати за подофицери, организирање и реализирање на стручното оспособување и усовршување, проверување и оценување на знаењата, права и должности на кандидатите за подофицери (член 1).
Според членот 2 на овој Правилник стручното оспособување и усовршување за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата има за цел кандидатите за подофицери да се стекнат со општо воени и стручно-специјалистички знаења и психофизички способности за вршење должност воен старешина – подофицер во Армијата.
Согласно членот 3 на овој правилник, стручното оспособување и усовршување за подофицери се врши во Армијата и се организира и реализира во согласност со Програмата за стручно оспособување и усовршување за подофицери.
Во делот II што се однесува на приемот на кандидати за подофицери (членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12) се утврдува начинот на изборот на кандидатите и условите што треба да ги исклучуваат кандидатите.
Изборот, прво се врши од редот на војниците по договор, а доколку нема доволно кандидати се објавува јавен оглас. При тоа војниците по договор треба во првите две години од службата како војници по договор да покажале посебни резултати во вршењето на службата и да не се постари од 30 години, додека другите кандидати треба да имаат завршено средно образование, да не се постари од 23 години и да се психофизички и здравствено способни за вршење должност воен старешина – подофицер.
Во делот III (членовите 13, 14, 15, 16, 17 и 18) се уредуваат прашања во врска со организирање и реализирање на стручното оспособување и усовршување на подофицери и тоа времетраењето на обуката, определувањето на бројот на потребните кандидати за секој род-служба, наставниот план и неговата реализација, како и лицата кои го изведуваат стручното оспособување и усовршување.
Делот IV (членовите 19, 20 и 22) се однесува на начинот на проверување и оценување на знаењето и полагањето на завршниот испит.
Во членовите 22, 23, 24, 25, 26 и 27 се содржани правата и должностите на кандидатите за подофицери (интернатско сместување, исхрана, униформа, учебници и други помагала потребни за стручното оспособување, патни трошоци за викенд отсуство, надомест на трошоците од страна на кандидатот за подофицер ако истиот се откаже од стручното оспособување и усовршување пред неговото завршување, ако биде отстранет по негова вина или ако одбие да заснова работен однос како подофицер.
Членот 28 уредува дека овој правилник влегува во сила со денот на донесувањето.
5. Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според мислењето на Министерството за одбрана, оспорениот правилник е интерен акт на министерот со кој се уредуваат прашања кои се однесуваат на пополнувањето на Армијата со одредена категорија на воени старешини. Од таа причина во Правилникот е утврдено дека истиот влегува во сила со денот на донесувањето од што пак, произлегува дека министерот за одбрана одлучил правилникот да не се објавува согласно со можноста утврдена во член 3 став 1 точка 5 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти кој во време на донесувањето на правилникот бил во сила.
Меѓутоа од содржината на оспорениот правилник произлегува дека доколку потребата за подофицери од соодветен род – служба не може да се задоволи со кандидати за подофицери избрани од редот на војниците по договор, се објавува јавен оглас за прием на кандидати за подофицери. Понатаму, во правилникот е уредено кои податоци ги содржи огласот, посебните услови што треба да ги исполнуваат кандидатите кои ќе се јават на јавниот оглас и др.
Оттука Судот оцени дека оспорениот правилник ги надминал рамките на интерен акт, бидејќи неговите одредби се однесуваат и на субјекти надвор од Армијата и дека тој всушност претставува општ акт и дека требало да биде објавен во “Службен весник на Република Македонија”.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник не е објавен во “Службен весник на Република Македонија”, Судот оцени дека тој не е во согласност со членот 52 од Уставот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.115/2001
27 и 28 февруари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов