Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 29 став 1 точка 3 и член 32-а во делот “како и на лице кое е осудено за кривично дело што го прават неподобен за професијата на ревизија” од Законот за ревизијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/97 и 27/2000).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 27 точка 3 во делот “најмалку три години пред тоа” од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите означени во точката 1 и 2 од ова решение од Законот за ревизијата.
Според наводите од иницијативата со оспорениот член 27 точка 3 во делот “најмалку три години” се ограничувало правото на работа односно се повредувале одредбите од член 32 став 1 и 2 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Оспорените одредби на членовите 29 став 1 точка 3 и член 32-а бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 став 1 и 2 и член 54 од Уставот, затоа што правните последици од осудата мора да се утврдат со правосилна судска одлука, а не тоа да се прави по сила на Законот како во конкретниов случај.
4. Судот на седницата утврди дека во член 29 став 1 точка 3 од Законот е предвидено дека овластениот ревизор мора да ги исполнува, покрај другите услови, и да не е осудуван за кривични дела што го прават неподобен за професијата на ревизијата.
Во членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за ревизијата е предвидено дека по член 32 се додава нов член 32-а (кој е оспорен со иницијативата) а кој гласи: Министерот за финансии го одзема уверението за овластен ревизор, како и нострифицираното звање на овластен ревизор, на лицето кое не ги почитува правилата утврдени со кодексот на етиката за професионални сметководители на Меѓународната федерација на сметководители, како и на лицето кое е осудено за кривично дело кој го прави неподобен за професијата на ревизија”.
5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.
Тргнувајќи од изнесеното при оценување на уставноста на оспорената одредба, како превенствен критериум на уставноста треба да се одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорените одредби по сила на законот а не како казна (забрана) што ја изразува Судот во рамките на видовите на кривичните санкции без да се наведат кривични дела кои го прават лицето неподобно да врши ревизија и не му е изречена мерка забрана за вршење на дејност, лицето не може да заснова работен однос односно му се одзема уверението за овластен ревизор, Судот оцени дека основано се поставува прашањето за согласноста на ченовите 29 став 1 точка 3 и член 32-а од Законот со наведените уставни одредби.
6. Судот исто така утврди дека во член 27 точка 3 од Законот, покрај другото е предвидено дека овластениот ревизор не смее да врши ревизија ако претходно бил во работен однос или бил законски застапник на субјектот на ревизијата, најмалку три години пред тоа.
7. Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Во став 5 на член 32 е предвидено дека остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективени договори.
Според член 58 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
8. Имајќи ја предвид целината на Законот за ревизија произлегува дека работите на финансиската ревизија имаат карактер на стручно финансика и економска дејност преку која ќе се овозможи независна и стручна арбитража на сметководствените информации, која дејност се врши според законот и меѓународно утврдени стандарди.
Имено, ревизијата треба да биде неутрална и стручно засновано на чесни, реални и објективни деловни информации, кои може да бидат спроведени само од оној кој на ниеден начин не е вклучен, ниту заинтересиран за работењето на претпријатието. Поаѓајќи од наведените принципи, и кодексите на ревизорската етика донесени од професионалните асоцијалции утврдени се високи етички правила и стандарди на однесување на ревизорите со цел да се обезбеди потполна независност од државата и клиентите.
Според тоа Судот смета дека законодавецот сосема оправдано а со цел за објективно и реално изготвување на извештај од ревизијата предвидел дека ревизорот не може да врши ревизија во претпријатие во кое бил во работен однос најмалку три години пред тоа.
Со ваквиот начин на уредување на ова прашање не се ограничува правото на работа на ревизорот, туку за одреден период тој не може да врши ревизија во претпријатие во кој бил во работен оснос и ја знае деловната политика на претпријатието, туку може да врши ревизија во друго претпријатие.
Според тоа имајќи го предвид член 32 став 2 и 5 од Уставот, Судот оцени дека со предвидувањето на временското ограничување ревизорот да може да врши ревизија во претпријатие во кое бил во работен однос, по протек на три години не се ограничува правото на работа, туку законодавецот оценил дека се предвидува посебен услов за одреден период таквото лице објективно и непристрасно да врши ревизија во таа организација, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.
9. Со оглед на изнесеното се одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.213/2001
20 февруари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов