Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 февруари 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на град Куманово, во делот што се однесува на централното градско подрачје и урбаниот блок 3-та МУБ на Месната заедница “Бајрам Шабани” во делот што се однесува на парцелите бр. 2 и бр. 3 на ул. “Салтир Наумов” во однос на парцелите бр. 19 и бр. 20 на улица “Ѓуро Ѓаковиќ”, донесена од Советот на општина Куманово на седницата од 1 ноември 2000 година.
2. Тршиќ Татијана и Доцевски Љубомир од Куманово, на Уставникот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била несогласна со Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што: во урбаниот блок 3-та МУБ на парцелите 19 и 20 на ул. “Ѓуро Ѓаковиќ”, според стариот Детален урбанистички план било предвидено да се изгради паркинг простор, а сегашниот Детален урбанистички план предвидувал сите објекти на ул. “Ѓуро Ѓаковиќ” да се доградат и надградат.
Подносителите на иницијативата, како заинтересирана страна, во законски определениот рок, поднеле приговор против ваквото решение во новиот Детален урбанистички план.
Со него барале да се зголеми растојанието меѓу објектите и да се спречи легализирањето на дивоградбите, односно истите да не се вклопуваат во новиот Детален урбанистички план.
На приговорот не им било одговорено.
Воедно, со иницијативата се бара, до донесување на конечна одлука, Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката за донесување измена и дополна на ДУП за Месната заедница “Бајрам Шабани” на ул. “Ѓуро Ѓаковиќ” во Куманово е предвидено да се врши измена и дополна на ДУП за оваа месна заедница.
Членот 2 од Одлуката предвидува дека составен дел на измената и дополната на Планот се: текстуалниот дел, одредбите за спроведување на ДУП и графичкиот дел.
Согласно членот 3 од Одлуката, документацијата од членот 2 ја потпишува градоначалникот на општина Куманово, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесена, и се заверува со печатот на градоначалникот.
Според ставот 2 на овој член од Одлуката еден примерок од документацијата останува во Архивата на канцеларијата на главниот архитект на град Куманово, а останатите примероци се предаваат на реализација на Подрачната организациона единица на Министерството за урбанизам и градежништво-Куманово.
Последниот член 4 од Одлуката предвидува истата да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Куманово”.
4. Согласно член 52 точка 1 и точка 3 од Законот за локалната самоуправа, (што бил во сила во времето кога се вршеле овие измени и дополнувања на ДУП) главниот архитект на градот покренува иницијатива за измена и дополнување на деталните урбанистички планови и дава стручно мислење по истите.
Согласно член 17 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97 и 18/99) по нацрт на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета.
Согласно став 5 на овој член од Законот јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичката документација ги организира општината односно градот Скопје.
Согласно став 1 на член 18 од Законот, јавната анкета се спроведува со излагање на Планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со Планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително да се објави соопштение во јавните гласила.
Ставот 4 на овој член од Законот предвидува дека извештај за стручната расправа и јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичка документација со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно градот Скопје.
Имајќи ги предвид овие законски одредби, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во законски предвидената постапка, поради што не може основано да се постави прашањето за нејзината законитост.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека на подносителката на истата не и бил доставен одговор на приговорот на планот, Судот оцени дека истите не држат, поради следното:
Од Извештајот за спроведената јавна анкета се гледа дека под точката 8 е разгледуван приговорот бр.23-3/40 од 10 јули 2000 година (тоа е приговорот на подносителката на иницијативата).
Приговорот е делумно прифатен.
Имено, прифатено е да се зголеми висината на венецот на објектот, а не е прифатен делот од приговорот што се однесува на зголемување на пропишаното растојание кај соседниот објект, со образложение дека не постојат реални можности од стручен и технички аспект да се удоволи на барањето.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Советот на општина Куманово, постапил согласно член 18 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дал образложение за неприфатените забелешки, поради што не може да се постави прашањето за законитоста на постапката при донесувањето на Одлуката за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница “Бајрам Шабани” на ул. “Ѓуро Ѓаковиќ” во Куманово, од овој аспект.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека новиот Детален урбанистички план е несогласен со Законот затоа што наместо претходно предвидените содржини на катастарските парцели бр.19 и бр.20 (паркинг простор), предвидувал сите објекти на ул. “Ѓуро Ѓаковиќ” да се доградат и надградат, Судот смета дека овие наводи не стојат поради следното:
Во членот 20 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е предвидено дека планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план; десет години за генерален урбанистички план, урбанистичка документација за населено место во општината и урбанистички план за граничен премин и локалитет со објекти од јавен интерес и 15 години за просторен план.
Согласно ставот 3 на овој член од Законот со донесувањето на просторен и урбанистички план, престанува да важи претходниот план.
Од овие законски одредби произлегува дека урбанистичкиот план всушност претставува, еден вид, правен и технички инструмент со кој се усмерува просторниот развој на населеното место или подрачје со посебна намена.
Со други зборови, урбанистичкиот план ги одредува функционалните, економските и естетските услови за градба и реконструкција на населеното место со цел да се створи урбана целина со поволни услови за живот и работа на жителите на таа урбана целина.
Во тој контекст, деталниот урбанистички план ги пропишува условите за уредување, изградба и реконструкција на едно населено место и технички ги разработува решенијата утврдени со генералниот урбанистички план.
Од тие причини, според Судот промената на нереализираните содржини од катастарските парцели бр. 19 и бр. 20 од претходниот ДУП со новиот ДУП всушност е последица на динамиката на развојот на населеното место, поради што оцени дека не би можело да се постави прашањето за законитоста на одлуката од овој аспект.
5. Во врска со барањето Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената одлука, Судот смета дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на ваква мерка.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.147/2001
20 февруари 2002 год.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов