У.бр.183/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 45 став 2 и 3 од Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001 и 103/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот, со ставовите 2 и 3 на членот 45 од Законот, заради тешки условувачки формалности се оневозможувало правото на додаток на плата за посебни услови за работа. Имено, ако државниот службеник ги вршел работите од став 1 на членот 45 по налог на непосредно препоставениот службеник, но тоа не било предвидено во актите за систематизација на работните места и не го одобрил министерот или функционерот кој раководи со органот, државниот службеник нема право на додаток на плата за посебни услови за работа.

Поради тоа, оспорените ставови не биле во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 1 и 3; 9; 32 став 3 и 5; 51 став 2; 54 став 1 и 98 став 2 од Уставот, затоа што противуставно се злоупотребува и експлоатира работата на државниот службеник кој нема да биде платен, само ако не се исполнети горе наведените услови- формалности.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не со актите за систематизација на работните места и одобрението на министерот, односно функционерот, како е тоа предвидено со оспорените одредби.

Со оспорените одредби се создаваат услови и за нееднаквост на државните службеници, затоа што, за некои од нив ќе се предвиди тоа во актите за систематизација на работните места, ќе се издејствува и одобрение од министерот, односно функционерот и тие за тое ќе бидат платени, додека, пак, за другите, иако по налог на претпоставениот ги вршеле работите од член 45 став 1 од Законот, но ако не се исполнети оспорените формалности, тие за тоа нема да бидат платени.

Ако, пак, дојде до работен спор, тогаш судовите ќе мораат да судат и врз основа на актите за систематизација на работните места и одобрението на министерот, односно функционерот, со што се повредува и членот 98 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 45 од Законот (1) Државниот службеник има право на додаток на плата за посебни услови за работа, и тоа за: ноќна работа; работа во смени, односно турнуси; работа изложена на висок ризик; работа за време на неделен одмор и работа за време на празници утврдени со закон.
(2) Работите под посебни услови од став (1) на овој член, треба да бидат предвидени во актите за систематизација на работните места во секој орган од член 3 на овој закон.
(3) Доколку државниот службеник ги врши рабтотите од став (1) на овој член по предлог на непосредно претпоставениот државен службеник, а по одобрение на министерот, односно функционерот кој раководи со органот од член 3 на овој закон, има право на додаток на плата за посебни услови за работа.
(4) Додатоците на плата од став (1) на овој член меѓусебно не се исклучуваат.
(5) Агенцијата пропишува образец за евидентирање на работните часови поминати на работа под услови утврдени во став (1) од овој член.

4. Основните слободи и права на граѓаните признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Членот 51 став 2 утврдува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а членот 54 став 1 утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според Законот за државните службеници, платата на државните службеници се состои од основна и исклучителна компонента. Дел од исклучителната компонента е додатокот на плата за посебни услови за работа. Според член 45 став 1 од Законот, државниот службеник има право на додаток на плата за посебни услови за работа и тоа за ноќна работа, работа во смени односно турнуси, работа изложена на висок ризик, работа за време на неделен одмор и работа за време на празници утврдени со закон. Тоа значи дека законот прво го утврдува правото на државниот службеник на додаток на плата за посебни услови за работа и второ, определува кои се тие посебни услови за работа. Оттука извор на правото на државниот службеник на додаток на платата за посебни услови за работа е законот кој истовремено точно наведува и кои се тие услови.

Законската одредба според која работите под посебни услови од став 1 на овој член, треба да бидат предвидени со актите за систематизација на работните места во секој орган од член 3 на овој закон е упатувачка норма, бидејќи предвидува препишување на законски утврдените услови во актот за систематизација на работните места, но за секое работно место конкретно. Тоа пак значи дека актот за систематизација на работните места не е, ниту пак може да биде извор на правото на државниот службеник на додаток на плата за посебни услови за работа.

Во однос на оспорениот став 3 од членот 45 од Законот, Судот смета дека подносителот на иницијативата неправилно го интерпретира. Имено, според овој дел од членот 45, непосредно претпоставениот државен службеник предлага, а министерот односно функционерот кој раководи со органот одобрува дали треба и кога треба државниот службеник да врши работа под посебни услови и за кои треба да добие додаток на плата. Значи согласно Законот, непосредно претпоставениот државен службеник нема право да му нареди на државниот службеник да врши работа под посебни услови. Доколку во практиката има такви случаи, станува збор за злоупотреба на должноста бидејќи очигледно е дека Законот не предвидува таква ситуација. Според Законот, само на предлог на непосредно претпоставениот државен службеник, а по одобрение на министерот односно функционерот кој раководи со органот, државниот службеник може да врши работи под посебни услови за работа точно определни со закон и за тоа да добие додаток на плата. Имајќи го предвид наведеното, оспорениот став 3 од членот 45 не создава нееднаквост меѓу државните службеници бидејќи тој се однесува за сите државни службеници поддеднакво.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорените ставови 2 и 3 од членот 45 не го доведуваат во прашање принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на државата, ниту пак со нив се повредуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот и принципот на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите. Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на ставовите 2 и 3 од членот 45 од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 183/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов