У.бр.246/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на согласноста на членот 99-а од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/98) со Уставот на Република Македонија и со Законот за работните односи.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на одредбата означена во точка 1 од ова решение со Општиот колективен договор за јавните служби, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94).

3. Брзанов Митко од Гевгелија преку полномошникот Шуклев Зоран, адвокат од Гевгелија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбата означена во точка 1 од ова решение. Причината за оспорување во иницијативата се однесува на помалите права или понеповолни услови на работниците што биле утврдени во оспорената одредба, наспроти загарантираните права во Законот за работните односи и Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност, на кој начин се повредувал уставниот принцип за согласност на законите со Уставот, односно согласност на сите други прописи со Уставот и со закон од член 51 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму се наведува дека во оспорената одредба од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија бил утврден подолг рок за донесување на одлука за престанок на работниот однос од рокот утврден во член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност, па се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба поради неусогласеност со Законот за работните односи и Општиот колективен договор.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 99-а од Дополнувањето на Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.11/98). “Одлуката за престанок на работниот однос на работникот поради повреда на работната дисциплина или неисполнување на обврските од работното место, работодавецот е должен да ја донесе во рок од 1 година само во случаите кога поради повредата од член 98 и 99 од Колективниот договор е покрената и постапка за кривична одговорност на работникот”.

5. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

6. Во член 84 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/00, 34/00, 3/01 и 50/01), предвидено е “со колективен договор се доуредуваат во согласност со закон и со други прописи, правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавецот од работен однос, како и обемот и начинот на остварување на правата и обврските и другите одредби за прашања од интерес за работниците и работодавецот, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови”.

Во член 86 став 1 од Законот предвидено е дека “колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од законот.

Во одделот 4 од глава VII од Законот за работните односи под поднаслов “Престанок на работниот однос со отказ”, во членовите 105 до 124, не се содржани одредби кои се однесуваат на прашањата поврзани со роковите во кои може и треба да се води постапката за давање отказ на работникот поради кршење на работната дисциплина и неисполнување на обврските, односно рокот во кој работодавецот или друг надлежен орган треба да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос со отказ.

Ова прашање е регулирано со член 63 од Општиот колективен договор за стопанството, односно член 72 од Општиот колективен договор за јавните служби и државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност.

7. Според член 72 од Општ колективен договор за јавните служби, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност, “Одлуката за престанок на работниот однос на работникот работодавецот е должен да ја донесе за еден месец од денот на дознавањето на повредата на работната дисциплина, работниот ред, неисполнување на обврските и поради неспособност на извршувањето на работните задачи и за сторителот, односно во рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата”.

Во член 98 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.53/95), предвидено е “На работникот не може да му престане работниот однос поради повреда на работната дисциплина ако работодавецот или работникот овластен од него не донесе одлука за престанок на работниот однос во рок од 1 месец, од денот на сознанието за таа повреда”.

Во член 99 од истиот Колективен договор, предвидено е “работниот однос на работникот не може да му престане поради неисполнување на обврски од работното место доколку работодавецот или работникот овластен од него не донесе одлука за престанок на работниот однос во рок од 2 месеци од денот на сознанието за таа повреда”.

Со оспорениот член 99-а од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Макеоднија, предвидено е “Одлуката за престанок на работниот однос на работникот поради повреда на работната дисциплина или поради неисполнување на обврските од работното место, работодавецот е должен да ја донесе во рок од 1 година само во случаите кога поради повредите од член 98 и 99 од овој Колективен договор е покрената и постапка за кривична одговорност на работникот”.

Членот 104 од истиот Колективен договор предвидува: “Одлуката за престанок на работниот однос на работникот работодвецот е должен да ја донесе за еден месец од денот на дознавањето на повредата на работната дисциплина, работниот ред, неисполнување на обврските и поради неспособноста За извршувањето на работните задачи и за сторителот, односно во рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата.

8. Од содржината на одредбите на Законот за работните односи, произлегува дека овој Закон не се задржува на регулирање на прашањето во врска со рокот во кој работодавецот или работник овластен од него е должен да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос на работникот со отказ. Ова прашање е оставено да се регулира и доуредува со општ колективен договор, гранков колективен договор и колективниот договор на ниво на работодавец во смисла на содржината на член 84 од Законот за работните односи. Во член 86 став 1 од овој Закон, постои само ограничување во колективните договори да не можат да содржат одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од Законот.

Прашањето за рокот во кој работодавецот е должен да донесе одлука за престанок на работниот однос на работникот со отказ, за прв пат се регулира со членот 72 од Општ колективен договор за јавните служби, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност и во оваа одредба е содржан субјективен рок од 1 месец сметано од денот на донесувањето на повредата и за сторителот и објективен рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата. Ова прашање идентично е решено и во членот 104 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Во членот 98 од Гранковиот колективен договор определен е субјективен рок од 1 месец кај престанокот на работниот однос поради повреда на работната дисциплина, а во членот 99 определен е субјективен рок од 2 месеци кај престанокот на работниот однос поради неисполнување на обврските од работното место. Во оспорениот член 99-а од Гранковиот колективен договор е утврден рок од 1 година без прецизирање дали станува збор за субјективен или објективен рок со појаснување дека овој рок се однесува на случаите на повреди од членот 98 и 99 и покрената постапка за кривична одговорност на работникот. Со оглед да оспорената одредба е во функција да ги дополни и појасни членовите 98 и 99 од Гранковиот колективен договор Судот оцени дека станува збор за субјективен рок, а оспорената одредба содржи исклучок само за случаите кога е покрената постапка за кривична одговорност на работникот.

9. Тргнувајќи од фактот што Законот за работните односи не го регулира прашањето за роковите во кои работодавецот е должен да ја донесе одлуката за престанок на работниот однос на работникот со отказ и остава ова прашање да се регулира со колективните договори, Судот оцени дека не може да се постави прашање за несогласност на оспорената одредба со одредбите од Законот и нема основ за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од вака определената надлежност на Уставниот суд и фактот што прашањето за роковите за донесување на одлука за престанок на работниот однос на работникот различно е регулирана со Општиот колективен договор за нестопанска дејност и Гранковиот колективен договор, Судот оцени дека не е надлежен да ја цени согласноста на оспорениот член 99 во релација со членот 72 од Општиот колективен договор за нестопанската дејност како што се бара во иницијативата, поради што ја отфрли иницијативата во овој дел.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.246/2001
13 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов