У.бр.210/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 101 став 2 во делот: “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96 и 80/99).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.210 од 12 декември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 101 став 2 во делот “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Законикот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на тој дел од оспорената одредба со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 101 став 1 од Кивичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, не може да настапат кога за кривичното дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна, а според став 2 од овој член, правните последици можат да се предвидат само со закон и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 на овој член од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Со Кривичниот законик, на правните последици од осудата им се посветува посебна глава, иако содржината на таа глава е мошне скромна, во однос на другите кривично-правни прашања што се предмет на уредување на Законикот. Правните последици од осудата како посебна категорија, со овој законик не се третират ниту како казни, ниту како други кривични санкции. Имено, според член 4 од Кривичниот законик, кривични санкции се: казни, условна осуда и судска опомена, мерки за безбедност и воспитни мерки, а според член 33 од Законикот, казни се: затвор и парична казна, при што, казната затвор може да се изрече само како главна казна, а паричната казна како главна и споредна казна, а ако за едно кривично дело се пропишани двете казни, како главна може да се изрече само едната од нив. Со член 5 од Законикот е уредено дека на сторителот на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција и само на начин со кој се обезбедува почитување на личноста на сторителот и на неговото човечко достоинство. Според тоа, правните последици од осудата не се третираат како казна или други кривични санкции, на што би следувал и одговор дека со нив не може на сторителот на кривичното дело да му бидат одземени или ограничени определени права. Меѓутоа, од содржината на член 101 став 1 од Законикот, произлегува дека правните последици од осудата се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, што значи дека иако правните последици од осудата не се казни, тие по својата природа, карактер и можност од нивно предвидување со закон, без поблиску определување на нивните видови и услови за нивно пропишување со самиот Кривичен законик, попримат карактер близок на самата казна и можат тешко да го погодат осудениот кој ја изржал својата казна.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 101 став 2 во делот: “и настапуваат по сила на законот со кој се предвидени” од Кривичниот законик, според мислењето на Судот, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот. Со оглед на тоа што според оспорениот дел од одредбата, правните последици од осудата настапуваат по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни односно санкции, Судот оцени дека тој дел од оспорената одредба не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.210/2001
6 февруари 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов