У.бр.122/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 3, 4, 7, 9 и 10 од Законот за јавните собири (“Службен весник на РМ” бр. 55/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените законски одредби се оневозможувало користење на уставното право на граѓаните на мирно собирање и иразување на јавниот протест, предвидено во членот 21 од Уставот. Имено, според подносителот на иницијативата, со оспорените законски одредби, организаторот на јавниот собир бил ставен во улога на полицаец – чувар на јавниот ред и мир, спротивно на Уставот кој предвидува граѓаните слободно да се собираат и мирно да го изразуваат јавниот протест.

Оспорените одредби од Законот, според подносителот на иницијативата, можеле единствено да се разберат како обид на полицијата да ја одбегне законската обврска на контрола на ризикот за нарушување на јавниот ред и мир, што секој јавен протест објективно го носи со себе.

Ако опасноста по јавниот ред и мир нарасне како резултат на уставното реализирање на правото на граѓаните на мирно собирање и изразување на јавниот протест, според иницијаторот, полицијата била должна да си обезбеди доволно полициски сили и да го воспостави нарушениот јавен ред и мир, а не само да ги констатира прекршоците на организаторот на јавниот собир и за тоа да иницира прекршочна или граѓанска постапка за надомест на штета, како што тоа било предвидено во оспорените одредби од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 3 од Законот, заради интересите на безбедноста организаторот на јавниот собир може да го извести Министерството за внатрешни работи за одржување на јавниот собир и мерките што се преземени за неговото одржување.

Во известувањето организаторот ги наведува следниве податоци: целите на одржувањето на јавниот собир; местото и времето на одржувањето; организаторот на јавниот собир; мерките што организаторот ги презел во врска со непреченото организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организирање на редарската служба”.

Согласно членот 4 од Законот заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба.

Доколку организаторот побара, а Министерството за внатрешни работи да определи обезбедувањето на одржувањето на редот на јавниот собир да го врши полицијата, трошоците за тоа обезбедување ги поднесува организаторот.

Организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот.

Во случаите од став 3 на овој член, организаторот е должен веднаш да го извести Министерството за внатрешни работи.

Во членот 7 од Законот е предвидено дека организаторот на јавниот собир е должен да ја надомести евентуалната штета што ќе настане при одржувањето на јавниот собир.

Според членот 9 од Законот, со парична казна од четири до дваесет плати ќе се казни за прекршок правното лице (организатор) на јавниот собир ако:

– не преземе мерки за одржување на редот на јавниот собир (член 4 став 1) и
– не постапи според одредбите од членот 4 ставови 3 и 4 на овој закон.

Со парична казна од една до две плати ќе се казни за прекршокот од став 1 на овој член и одговорното лице во правното лице (организатор).

Исто така, според членот 10 од Законот, со парична казна од една петина до една половина од плата или казна затвор до 30 дена ќе се казни за прекршок:

1. Физичко лице (организатор) ако не преземе мерки за одржување на редот на јавниот собир (член 4 став 1);
2. Физичко лице (организатор) ако не постапи според одредбите од членот 4 ставови 3 и 4 на овој закон и
3. Физичко лице ако носи оружје на јавниот собир (член 5).

За прекршокот од став 1 на овој член на странец може да му се изрече заштитна мерка оддалечување од територијата на Република Македонија во траење од шест месеци до две години.

4. Согласно член 21 од Уставот на Република Македонија, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест.

Согласно ставот 2 на овој член од Уставот, ова право може да биде ограничено само во услови на воена или вонредна состојба.

Како што се гледа од содржината на оваа одредба, Уставот им дава право на граѓаните мирно да се собираат за да изразуваат јавен протест, а ограничувањето на ова право, како можност го условува само со постоење на воена или вонредна состојба.

Од оспорената одредба на членот 3 од Законот се гледа дека законодавецот предвидува можност организаторот на јавниот собир да го извести Министерството за внатрешни работи за неговото одржување, при што, ќе ги соопшти целите заради кои се одржува јавниот собир, времето и местото на одржувањето, мерките што организаторот на собирот ги презел за неговото непречено одвивдање како и податоците за организирањето на редарската служба.

Со други зборови, законодавецот не предвидел императив (“мора или е должен”) за организаторот на собирот, туку препуштил на негова субјективна оценка да процени дали ќе постапи според одредбата од членот 3 од Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, според Судот, со предвидувањето на можноста за известување на Министерството за внатрешни работи за одржувањето на јавниот собир и обврските на организаторот во врска со тоа, законодавецот имал цел превентивно да обезбеди мирно одржување на собирот, а дека не станува збор за императив според кој организаторот на собирот би морал да постапува, зборува и фактот што казнените одредби од оспорените членови 9 и 10 на овој закон, не се однесуваат на повреда на членот 3 од истиот.

Членот 4 од оспорениот закон, според Судот е донесен во функција на заштита на: правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдување на населението со лекови, почитување на обврските од меѓународните договори и сл.

За да се придржува на овие обврски, законодавецот го задолжува организаторот (не препушта на негова оценка) да го обезбеди одржувањето на редот на собирот.

Притоа, законодавецот го задолжува организаторот, доколку добие обезбедување од полицијата, да ги подмири трошоците за истото.

Законодавецот, исто така, го задолжува организаторот да го прекине одржувањето на јавниот собир доколку дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот.

Не постапувањето, односно не придржувањето на овие законски норми, повлекува казна предвидена во членовите 9 и 10 од овој закон.

Имајќи ја предвид содржината на оваа законска одредба, со задолжувањата предвидени за организаторот на јавниот собир, Судот смета дека истата е согласна со Уставот на Република Македонија.

Имено, според Судот, организаторот на јавниот собир е должен да го следи одвивањето на јавниот собир, а за евентуалните немири што секој собир латентно ги носи во себе и што можат да избијат додека истиот трае, претходно ќе ги ангажира органите на Министерството за внатрешни работи за што ќе ги поднесе и трошоците.

Според мислењето на Судот, како основ не може да послужи ниту уставната одредба која им дава право на граѓаните да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без претходна дозвола, затоа што Уставот зборува за мирно собирање кое како такво не може да доведе до загрозување на правата на граѓаните, не може да го попречи нормалното одвивање на сообраќајот и снабдувањето на населението со лекови ниту, пак, да доведе до прекршување на обврските од меѓународните договори.

Што се однесува до одредбата од членот 7 од Законот, според која организаторот на јавниот осбир е должен да ја надомести штетата што евентуално би настанала при одржувањето на јавниот собир, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност поради следното: не постои уставна обврска за одржување на јавен собир за изразување на јавен протест, туку неговото организирање и одржување е последица на одлука на организаторот и учесниците на собирот; оваа одредба не е во корелативен однос ниту со членот 3 ниту со членот 4 од Законот и таа го решава само прашањето за надоместокот на настанатата штета при одржувањето на собирот..

Тоа, според Судот, значи дека кај организаторот на собирот постела свест за негово организирање и свест за евентуалните можни последици што би настанале како резултат на неорганизирано, односно недоволно организирано обезбедување на јавниот собир, за кои тој не сакал да настапат, но пристанал на нивно евентуално настапување, што не може да му ја исклучи обврската за надоместување на евентуално настанатата штета.

Што се однесува до казнените одредби од членовите 9 и 10 од оспорениот закон, имајќи ја предвид нивната содржина, а согласно членот 110 од Уставот, Судот не е надлежен да се впушта во оценување на видот и висината на казната за прекршување, односно непридржување кон одделни одредби од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Решението во однос на членовите 3, 4 став 1, 3 и 4, 7, 9 и 10 од Законот, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами,  д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

7. Решението во однос на членот 4 од Законот, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.122/2001
6 февруари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов