Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 5 алинеја 3 од Законот за пазарната инспекција (“Службен весник на Република Македонија” бр.35/97,23/99).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.160/2001 од 12 декември 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 5 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 5 од Законот се утврдени условите што лицето треба да ги исполнува за да може да се назначи за пазарен инспектор. При тоа, како услов во алинејата 3 се утврдува, против него да не се води кривична постапка и да не е осудувано за кривично дело против државата, службената должност, против јавните финансии и стопанство, како и за кривично дело извршено со умисла, за кои може да се изрече казна затвор во траење од најмалку една година.
5. При оценувањето на уставноста на член 5 алинеја 3 од Законот, Судот ги имаше во предвид членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, од чиј аспект и се оспоруваше неговата уставност во иницијативата.
Имено, според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. А според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон и за кое не била предвидена казна.
Во наведените уставни одредби всушност се утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос и тоа прво: принципот на презумпција (претпоставка) на невиност на лицето до правосилноста на судската одлука и второ, принципот на легалитет, односно законитост во казненото право, што значи забрана за казнување за дело кое е извршено во време кога не било предвидено со закон и за кое не била предвидена казна.
Значењето на принципот на презумпцијата на невиност, меѓу другото, се состои и во тоа обвинетото лице да не може да трпи ниедна правна последица пред правосилноста на судската пресуда, ниту да се смета како виновно, односно осудено.
Од друга страна, пак, од суштината на овие два принципи заедно произлегува дека целиот казнено-правен однос се исцрпува само на релацијата казниво дело и судски изречената казна на неговиот сторител, така што сите други последици што се состојат во ограничување на правата на сторителот на казнивото дело, а кои не произлегуваат од видот на казната се недопуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.
Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената одредба, според која актуелното водење на кривичната постапка и поранешната осудуваност на граѓанинот за определени кривични дела, без оглед дали покрај казната му е изречена и мерката забрана за вршење на определена професија, дејност или должност, претставуваат ограничувачки фактор за назначување на лицето за пазарен инспектор Судот оцени дека алинејата 3 на член 5 од Законот се повредува начелото на презумпција на невиноста утврдено во член 13 став 1, а истовремено и член 14 став 1 од Уставот.
Ова од причини што, во првиот дел на алинеја 3 на членот 5 граѓанинот, односно во конкретниот случај лицето што би можело по други основи да се назначи за пазарен инспектор, го смета за виновен пред да биде утврдена неговата вина со правосилна судска одлука, поради што таа по својата суштина во овој дел всушност е казнена одредба, а пропишаното во другиот нејзин дел има елементи на правна последица од осудата на лицето што не произлегува од осудата, но настапува по сила на законот (ex lege) и на овој начин се проширува правното дејство на осудата, за што не постои уставен основ.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкта 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.160/2001
30 јануари 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов