У.бр.193/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 14 став 2 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2001 година (“Службен весник на РМ” бр.10/2001).

2. Елизабета Тевдоска, од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 14 став 2 од Законот означен во точка 1 на ова решение, од причини што со оспорената одредба со која се дава право на работникот да добие парична помош во висина на една просечна месечна плата во органот каде што е вработен во случај на смрт на член на потесното семејство на работникот (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување), бил стеснет и ограничен кругот на лицата само во рамки на потесно семејство и не се предвидени поширок круг на лица во рамки на семејното домаќинство на работникот, а со тоа била повредена уставно загарантираната еднаквост на граѓаните во остварувањето на слободите и правата, пред Уставот и законите.

3. На седницата Судот утврди дека Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2001 година, се однесува на извршување на буџетот на Република Македонија само во 2001 година.

Имајќи во предвид дека согласно член 35 од Законот чија одредба се оспорува, буџетот се извршува од 1 јануари до 31 декември 2001 година, произлегува дека овој Закон има времен карактер и истиот престанал да важи по 31 декември 2001 година.

Исто така, донесен е Закон за извршување на буџетот за следната година т.е. за 2002 година (“Службен весник на РМ” бр.106/2001).

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што Законот чија одредба се оспорува, престанал да важи пред да биде поведена постапка за оценување на неговата уставност, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по неа, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр.193/2001
30 јануари 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов